Целта на дојавите за бомби е да се создаде страв и паника меѓу населението, оценува Дујовски

by fokus

Целта на лажните дојави за бомби во средните училишта е да се создаде страв и паника меѓу населението и случајно се избираат училиштата, оценува деканот на Факултетот за безбедност проф. д-р Никола Дујовски.

– Овој тренд почна пред неколку месеци прво во Србија, Белград, Нови Сад потоа и Сараево. Еве сега и кај нас. Да, тоа е дел од закани коишто засега остануваат само во фаза на погрешно испратени пораки, меѓутоа полицијата има обврски и добро е што се постапува на тој начин.

Децата и наставниците и сите присутни во училиштата мора веднаш да бидат евакуирани и однесени на безбедно и полицијата да ја провери секоја дојава за поставена бомба или каква било закана.

Тоа се прави и ќе се прави во наредниот период. Министерството за внатрешни ги гради капацитетите да може да одговори на ваквите закани, да ги пресретне ваквите пораки, да ги анализира и да ги спречи едноставно, изјави професорот Дујовски за утринската програма на Македонската телевизија.

Намерите на луѓето кои ги праќаат овие пораки, истакнува деканот на Факултетот за безбедност, да предизвикуваат страв и паника кај населението се повеќе од евидентни.

-Веројатно не е можно да се случи некаква поголема штета освен напишаната порака, но ние секако мора да бидеме претпазливи затоа што едноставно светот, а особено овој регион е многу чуствителен на таквите хибридни закани и на се друго што може да предизвика вознемиреност.

Не случајно се избираат училиштата, средните училишта воглавно. Затоа што таму децата патуваат самостојно, родителите вообичаено не знаат каков е процесот додека децата се таму и ова е токму онака како по книга како се прави хибридна закана, вели Дујовски.

Поврзани новости