Целта на апсолутистот Груевски не може да се дознае без длабока психоанализа!

by Фокус

fokus-arhiva-1-150x1501Текстот е објавен на 11 –ти март 2011-та во неделникот „Фокус“ во бројот 819

Мимоза Ристова е редовен професор на ПМФ-УКИМ. Во моментов е Шеф на Институтот за физика. Била и продекан за научна и апликативна дејност на ПМФ. Автор/коавтор  е на петнаесеттина научни публикации во списанија со импакт  фактор, повеќе меѓународни публикации, еден универзитетски учебник, 5 учебници за средно и еден учебник по физика за основно образование, уредник на повеќе практикуми и прирачници по предметот Истрага на место на настан (СЦИ)  и форензика. 

На РМ и донесе грант од Европската комисија во висина од 300.000 евра за финансирање на проект за развивање на систем од форензичко образование.  Три години од својот професионален век поминала на усовршување на универзитети во Австралија, САД и Швајцарија. Во пошироката јавност е позната како колумнист во Утрински Весник и Дневник. Не членува во политички партии.  Автор е на три романи, од кои два се напишани под псевдонимот Ава Мирис. Косценарист е на еден краток филм за серискиот убиец од Кичево. 

Неодамна јавноста ја виде како член на Иницијативниот одбор за организирање на мирниот академски протест на професорите од УКИМ во јануари 2011, а сега веќе и како член на Издавачкиот одбор на Воџ Ацадемица – месечниот гласник на академската заедница.

Разговарал
Никола МЛАДЕНОВ

ФОКУС Дали помните, после колку години слушаме глас од академската заедница против власта? На што се должи тој молк?

РИСТОВА Да, молчаливи сме некои 15-16 години. На што се должи тоа? Веројатно на фактот дека луѓето се премногу зафатени со голата егзистенција, со обезбедување на финансиските потреби за личен опстанок на планетава Земја. Научниците и професорите се занимаваа со голите животи сиве овие години, ама, мислам дека во овој момент дојде „нож до коска“. Мислам дека најголемите понижувања во историјата на независна Македонија ни дојдоа токму сега, со оваа влада. Најголемите лаги дојдоа сега, а гледаме дека не е исто, кога го лажете интелектуалниот кадар или кога лажете тутунари и сточари од Сведмилк. Очигледно, академскиот кадар трпи многу повеќе. Да, и од сточарите, и од тутунарите..!

ФОКУС Зар е можно, егзистенцијалните проблеми да се одговор за безмалку дводецениското молчење?! Во тој период се случи хаос во земјава, а допрва гледаме дека во Македонија има и академска заедница!?

РИСТОВА За жал, кај нас нема традиција на изострен критички однос кон стварноста. Веројатно затоа што ние сме држава со најмлад државен универзитет во регионот. Од државните универзитети во сите главни градови на бивша Југославија, понови се само во Подгорица и Приштина. Бидејќи тие сѐ уште не се дигнале ниту еднаш, мислам дека тоа си оди со староста, со зрелоста на универзитетот. Зошто, на пример, отпорот не се јави на Штипскиот, туку, еве, се јави на Универзитетот Кирил и Методиј? Очигледно, зрелоста на академската заедница е најважниот фактор што го детерминира освестувањето на академскиот кадар.mimoza2ТИЕ СЕ МАЈСТОРИ ЗА ИЗМАМИ!

ФОКУС Значи, власта имаше добра проценка, дека ќе им помине и овој упад во универзитетската автономија. Меѓутоа, сепак, промените не им минаа мазно?

РИСТОВА Да, тоа е можеби резултат на таложењето на проблемите. Се случи премногу насилство во единица време. Како прво, кај нас на ПМФ бевме сведоци на своевидното насилство со дисперзираните студии во Крива Паланка, кои ние, професорите на Природно-математичкиот факултет (ПМФ) ги одбивме. Имаме и одлука дека сме против дисперзираните студии. Исто така – против, се изјаснил и Институтот за информатика. Значи, ние, како академска заедница не молчевме и тогаш. Меѓутоа, работата пропадна во триаголникот: ректор- уценети професори – министер, при што се случиле договори, кои очигледно завршиле со потпис на тројца професори по информатика за спорните дисперзирани студии во Крива Паланка!

ФОКУС Какво е искуството од тие студии?

РИСТОВА После година и пол дена, останува забележано дека на информатика во Крива Паланка се запишале 60 студенти, а мислам дека само двајца поминале во втората година. Нормално, експериментот пропадна, меѓутоа, никој не сака веќе да зборува за него, па се заташкува на секаков можен начин. Таму веќе нема настава, оти ги нема минимум 5-те студенти, но, прашање е сега, кој ќе ги сноси последиците од инаетливото однесување на власта? Ние бевме против, меѓутоа, спротивно и на елементарната логика, на ПМФ му се наметнаа дисперзирани студии, со што факултетот беше изложен на екстра трошоци. Мораше да се плаќаат професорите, да им се подмират дневници, патни трошоци… Таа играчка на власта, само ПМФ го чини 18.500 евра. Факултетот ги плати парите, за тие да може да се гордеат со нивните „преродени“ успеси!? Преродба?! Ве молам, откако побаравме да ни ги платат тие 18.500 евра, ни уплатија едвај 500-тини, кои сакавме со индигнација да ги вратиме, оти ние таква сума воопшто не сме побарале. Ама, не најдовме начин, оти немало модус, како да се направи тоа. Да, нам не ни текна на каса-прими моделчето, кое го смисли министерката Канчевска!

ФОКУС Како тоа, при толку професори и декани, ректорската управа да нема елементарна интелектуална одважност, да тресне на маса и да го отфрли предлогот и за дисперзираните студии, кои очигледно се дел од машинеријата за штанцање дипломи, која допрва скапо ќе не чини? 

РИСТОВА Се согласувам со стравувањето дека наскоро нема да има кој да смени и обична гумичка во чешмите, но, уште потрагично, со овој памет нема да имаме ниту лекари, кои доволно стручно ќе нѐ лекуваат и од елементарни болести. Ама, тоа е тоа. Академската заедница е дел од општиот амбиент. И во неа многу работи се одвиваат според грдото сценарио што важи во политиката. Се толерираат работи што не се законски, за тие некогаш да послужат како идеално средство за уцена, при што професорот ја трампа интелектуалната чесност за грст евра и спас од правен прогон. Јас знам многу конкретен пример, такви професори да ставаат потпис за одлуките на власта со кои не се согласуваат, меѓутоа, за жал, не можам да спомнувам имиња. Човекот што ги уценил, дури и ми се пофали со тоа негово големо постигнување, меѓутоа, погодувате, сето тоа се случи во четири очи. Едноставно, судовите судат како што судат, а луѓето станаа толку нечесни што човек не знае, каква гадост можат утре да измислат за да го негираат и она што пред камери го кажале, а камоли во четири очи!

ФОКУС Со кои други облици на насилство над вашата академска слобода се соочувавте во последниве години?

РИСТОВА Измислија едно чудо перфидни облици на насилство кон академскиот кадар. Мора да им се симне капа и да им се поклони човек за креативноста во смислените облици на измама. На пример, парите од веќе доделените научно-истражувачки проекти од претходната влада не ни ги префрлаа преку цела фискална година. И потоа наеднаш ги префрлаа пред крајот на фискалната година кога беше невозможно да се потрошат по законски пат. Дури и да се најдеше некоја профактура за да се купи нешто ситно, банките ги одбиваа налозите со празен изговор дека НЕ ПОМИНА НАЛОГОТ. И потоа трезорот си ги јадеше непотрошените парички назад од нашата сметка. Толку генијален начин на измама, кој мене ми нанесе толку многу меѓународен срам во соработката со хрватскиот партнер.

А да не ви елаборирам за перфидноста на измамата со преводите на странската литература. Навистина успеаја да им фрлат по некоја коска на издавачките куќи, ама нам ни ги поматија умовите. Недоумицата околу неупотребливите купишта книги. Најголемиот дел од преводите од странски автори во тврд повез се за на ОТПАД за стара хартија. Насилно ни ги транспортираат пред влез, а потоа ние се мачиме да ги пренесуваме до подрумите за да причекаат погоден момент за да бидат употребени како огрев. Има стотици копии и на албански јазик, кој не е во употреба на нашиот факултет. Сакаме да им ги фрлиме пред Владата, но тие едвај не чекаат да го прекршиме законот за да нѐ „средат“. Измамата им кулминираше со повиците за научни лаборатории. Објавуваа такви смислени услови во меѓународни тендери на кои не се јавува ниту еден економски оператор. Објавуваа тендери за да не успеат. Истовремено, научниците се држеа во постојана тензија дека за нивниот истражувачки порив оваа влада се грижи од петни жили, но, ете, нешто не успева, и тоа не по нивна вина.mimoza3НАУКАТА НЕ ИМ Е ПОТРЕБНА

ФОКУС Нема излез од тој маѓепсан круг?

РИСТОВА Како може да има било каква шанса за такво нешто, кога, еве, ниту елементарните работи не се формираат, а не, пак, да функционираат како што треба. Замислете, ние немаме Совет за финансирање!? И, што ни се случува нам, на факултетот, без советот за финансирање на УКИМ? Без пари за трошоците на факултетот, ние, на пример, сега сме одговорни за трошоците што претходно ги покриваше владата. Значи, на владата порано сме ѝ ги праќале фактурите за парно, струја, вода… А, сега, во еден момент дознавам дека министерот одбива да ја плати фактурата за парно греење!? Потоа одбива да плати уште една, па, нормално, доаѓаат да ни го исклучат парното. Министерот му вели на деканот, да ја плати сметката. Тој, пак, нема пари, па бара ректорот да ја плати. Но, и ректорот нема пари, па нас нѐ исклучуваат, а, за повторно да нѐ вклучат, ние прифаќаме намален број на калории, т.е. помала топлина, за некако да се справиме со помали трошоци. Така, сега имаме 19 степени, наместо 21, па постојано сме болни. Гледате, и најобичната сметка за парно греење, може да се употреби како средство за уцена во даден момент. Успеаја да нѐ понижат и како биолошки битија, да не уценуваат преку здравјето. Бавејќи се со сопственото здравје, немаме ни време ни пари да се занимаваме со глупостите што секојдневно ги СУПЕРПРОДУЦИРААТ од државниот буџет!

ФОКУС Сепак, универзитетската заедница безмалку консензуално застана и зад кандидатурата на Ѓорге Иванов, што е неспорна поддршка на политиките на актуелната гарнитура…

РИСТОВА Бог да чува. Мислам дека кај нас не се случи тоа. Знаете, јас тогаш за првпат дознав дека Иванов – тогаш претседателскиот кандидат- живеел во мојата зграда. Разговарајќи со повеќе соседи, дознав дека практично никој не го знаел, додека не стана претседател на државата. Мнозина беа изненадени дека постоел, дека бил тука, затоа што всушност бил невидлив човек!

ФОКУС Како го толкувате фактот, дека стотина магистри, доктори на науки, професори, академици, застанаа зад неговата кандидатура?

РИСТОВА Очигледно, тие си создаваа простор за да се „огребат“ во наредниов мандат, да добијат некои погодности…

ФОКУС Дали имате чувство дека луѓето од универзитетот постојано се со едната или другата власт, па затоа отсуствува критичка дистанца кон нив? 

РИСТОВА Не, бидејќи и самата не сум се приближила кон ниту една партија, па сиве овие години се држам во критичка кондиција кон секоја власт. Меѓутоа, колку и да бев критички настроена и кон претходната власт, морам да кажам дека тие сепак ме третираа како човек и професор. Истражував, работев, добивав проекти…

ФОКУС Лично или мислите на институтот, односно на факултетот?

РИСТОВА Лично, оти, кога човек конкурира за научно-истражувачки проект, тој конкурира како професор со своето си-ви. За разлика од тогаш, денес имам барем три пати подобро си-ви, но, сега моите предлози-проекти завршуваат неславно. Еден од нив е проектот за истражување на природната радиоактивност на РМ, кој ќе ја мапираше Македонија, за да се знае каква е во однос на природната радиоактивност, па, евентуално, ако дојде до вештачко загадување од било какви надворешни извори, ќе се откриеше евентуалниот криминал со радиоактивен отпад, депониран на територијата на РМ. Меѓутоа, тој проект не им требаше, му најдоа некоја маана, некоја точка, запирка… И го вратија дека не ги задоволувал конкурсните услови. Истото се случи и со проектот за државна лабораторија, кој беше образложен на 40 страници, но, никогаш не добив покана да одам на интервју за да направат финално оценување. А барав да направам единствена државна лабораторија за Електронска микроскопија, која ќе ја опслужува сета научноистражувачка и апликативна клиентела во РМ, а ќе работеше за Министерството за правда за форензички цели. Инаку, јас сум во моментов раководител на единствената лабораторија за електронска микроскопија во РМ што функционира. Електронскиот микроскоп го купивме на старо од Темпус проектот од Европската Комисија, и тој одлично работи, но има ограничувања. Пред некој ден видов во тендерската документација дека Владата на РМ набавува 3 електронски микроскопи, наместо еден. И ниту еден не е за мојата лабораторија. Најверојатно трите одат во рацете на некои многу позаслужни електронски микроскопичари!

ФОКУС Вината ја гледате во министерството?

РИСТОВА Министерството определи двајца-тројца фиљан-професори, од чија дискрециона одлука зависеше финансирањето на проектите. Тука сакам да кажам дека нема да има успех во финансирањето на лабораториите воопшто, затоа што тоа е уште една тешка фарса. До сега не видов ниту една лабораторија. Очигледно, тие само си ги мамат и своите луѓе, но, за среќа, од авион веќе се гледа, барем кај нас на ПМФ, дека веќе и не им останаа кој-знае-колку многу „нивни“ луѓе!

ФОКУС Сега проектите сѐ уште ги добиваат „нивните“ луѓе?

РИСТОВА Всушност, не ни имаше конкурси. Или, кога ги имаше, тие пропаѓаа заради разни причини. Дознав дека многу малку луѓе добиле некакви проекти. Затоа што проекти – нема. Дури кон крајот на 2010 за прв пат почна финансирањето на проекти, а владава е веќе 5 години. Едноставно, средствата за наука се сведени на нула. Од буџетот се издвојуваат промили , за разлика од Хрватска, на пример, која издвојува 10 пати повеќе средства од нејзиниот многу поголем државен буџет. Да не зборуваме за ЕУ стандардот, кој мислам дека до 2020-та проектира 8 проценти издвојување. Конечно, и извештајот на европската комисија за прогресот на РМ укажува на недоволното вложување во науката!mimoza4МИНИСТЕРОТ НЕ Е СПОСОБЕН ЗА ДЕБАТА

ФОКУС Како го толкувате тој расчекор, од една страна нон-стоп да се труби за потребата од образование, а, истовремено, за науката да не се даваат ни пет пари?

РИСТОВА Неспорно, за нив науката е мала целна група. Тие владеат популистички и не се „замараат“ со 200-300 научници. Зошто да финансираат во 200 гласови на следните избори!? Што да мислам друго, кога кај нив се е условено од бројот на гласовите, иако, еве, не исклучувам дека има елементи и на одмазда од лошите ученици кон одличните, оние што секојдневно ги фрустрирале!

ФОКУС Како ја доживеавте анкетата на министерот Тодоров за промените во законот за високо образование, кои чиниш со воодушевеност се прифатени од народот?

РИСТОВА Како жив циркус. Тоа е исто, како сега да анкетираме народ, дали  НАСА добро ја извела последната мисија во Вселената!? Бесмислица!!!

ФОКУС Зошто министерот не дојде да се соочи со вас на универзитетскиот сенат?

РИСТОВА Тоа е неговата ароганција, до даска. Меѓутоа, министерот не ни може да дебатира. За жал, тој нема ниту интелектуален капацитет, ниту, пак, како што се вели, доволна километража, затоа што Тодоров е премногу млад. Може да има улична итрина колку што сака, но, тој не се разбира од  образование, од наука, нема никакво искуство, оти, најголем дел од својот кус професионален живот поминал во катастарот. Како може тој да дебатира со професори? Мислам дека самиот ќе се понижи, ќе се самоповреди ако дебатира со нас. А, кој би сакал, впрочем, самиот себеси да си се дигне на клоци?

ФОКУС Мислите дека промениве се негов автентичен проект, или, пак, навистина е можно, некој да му го подментува сево ова на министерот?

РИСТОВА Не, не, мислам дека тој работи по строги, директни инструкции од владетелот Груевски. Само што не знам, зошто тој го прави сево ова, оти, тешко може да се протолкуваат целите на апсолутистичките владетели. За тоа треба да се направат научни проекти, помогнати со длабоки психоанализи, за да се види, што всушност некој сака да постигне со вакви дејствија – уништување на целиот прв ред интелектуалци во земјава!

ФОКУС Во вашиот весник, кој само што го отпечативте по повод овој спор, велите дека сте измамени од ректорот, кој пред шест Ваши колеги изјавил дека го поддржува вашиот јавен протест?

РИСТОВА Не беше баш така. Не беше експлицитен во поддршката. Имено, тој кажа дека ќе оди на пат и дека нема да ни се придружи. Демек, човекот мисли на нас, па, ако не со телото, тогаш со нас ќе биде со душата. Цело време зборуваше во наш прилог. Велеше дека не може да се разбере со министерот, оти не разговараат на исто ниво, па сите нивни разговори завршуваат со плодовите на министерската ароганција. Оттаму, ние разбравме дека целосно е на наша страна. На заминување, дури кажа дека ќе го пријави собирот во полиција, за да не ни се случи нешто!

ФОКУС Како го објаснувате антипротестот на студентите? Што се студентите денес, во однос на она што биле пред 15-20 години, иако и тогаш не ги красела некоја бунтовност?

РИСТОВА Точно, на тој план немаме некои светли примери и во подалечното минато. За жал, ситуацијата станува се полоша. Веќе е тешко да се дефинираат нашиве студенти, без, притоа, некој од нив да не се навреди. Постојат студенти кои се толку сиромашни, толку многу „продадени“ заради лебот што го јадат и сместувањето што го имаат во домовите, па можат буквално сѐ да направат, само за да не се вратат во нивните неразвиени средини. Тоа се луѓе кои на некој начин се уценети. Водачот, пак, на студентите, не е уценет, туку е врзан за некаква кауза, за некои политички поени што треба да ги добие, за потоа да добие и некаква функција. Во иднина, кога ќе дипломира, да го пречека некаков благ наслон во некоја кожна фотелја. Затоа сака да се покаже толку силно лојален уште сега, на време, затоа што тие се регрутираат веднаш после школувањето и стануваат министри!

ФОКУС Значи, какви студенти – такви професори, и обратно?

РИСТОВА Да, тоа се пресликува, се репродуцира, тоа е маѓепсан циклус во кој учителите си ги учат учениците. За разлика од белградскиот универзитет, на пример, кој искуствено ни е близок, каде што има револуционерни професори, кои критички ги воспитуват студентите, кај нас, еве, допрва се појавува нашата група на професори, кои можат да ги покренат луѓето. Оттаму, мислам дека ние 9-мина направивме успех со тоа што покренавме над  200 колеги на протест. Тоа е голем успех! Студентите не ги повикавме зашто мотото ни беше да му покажеме не министерот Тодоров, дека не сме двајца -тројца професори од опозицијата.mimoza5ШКАРИЌ ЈА ЗЛОУПОТРЕБИ ДЕБАТАТА

ФОКУС Тоа се тие луѓе што беа и на неодамнешната јавна дебата, запомнета по „полемиката“ меѓу професорите Шкариќ и Фрчкоски? Се доби впечаток дека не сте единствени во желбата да го оспорите законот пред уставниот суд!

РИСТОВА Не, мислам дека констатацијата за повредите на автономијата не е воопшто спорна, само што некои колеги мислат дека, ете, жалбата за преиспитување на уставноста на Законот треба убаво да се напише од колегите на Правниот факултет при УКИМ. Впрочем, го имаме дури и потписот и на професор Шкариќ врз согласноста за иницијативата пред уставниот суд! Или, можеби, си помислил дека се потпишува за присуство, па несакајќи го удрил својот потпис врз иницијативата?

ФОКУС На каква реакција наиде тоа негово истапување во салата? Зошто не реагиравте веднаш?

РИСТОВА Знаете, конкретните податоци за Фридрих Први или Втори, ние навистина не можеме да ги знаеме, тоа го знаат професорите кои ја предаваат таа материја. Точно, имаше и други од областа, кои не го оспорија Шкариќ, но, во секој случај, Фрчковски требаше да си остане, да ја дослуша дебатата и да одговори на погрешните, клеветнички, лажни контра-аргументи од страна на Шкариќ. Јас мислам дека Фрчковски треба да тужи за навреда-клевета!

ФОКУС Зарем нема и премногу тужби за клевети и навреди, наместо јавни дебати? Конечно, довербата и во судовите е катастрофална, па не знам каква сатисфакција се и нивните одлуки. Вам лично, нели Ви недостасува дебата?

РИСТОВА Да, но, очигледно, се злоупотребува и дебатата, за да се фрли кал врз професионалниот и политички непријател, на било кој начин. Имам чувство дека тоа ја убива желбата за дебата кај луѓето. Можеби затоа и му одмолчаа на Шкариќ. Како да не сакаа да се расправаат, затоа што едвај чекаа тој да си оди од говорницата, за да се вратиме на вистинската тема, поради која и бевме собрани. Веројатно немаше човек, кој сака да обрне внимание на фрустациите кои Шкариќ ги изрече таму!

ФОКУС Толку е тој неомилен  во таа средина?

РИСТОВА Очигледно.

ФОКУС На што се должи тоа?

РИСТОВА Не знам, но, бездруго си има некоја предисторија, долгогодишна,  со останатите професори. Правниот факултет е познат како, легло на комуњарски министри, а Шкариќ е бивша „комуњара“ прешалтана во Преродба. Тоа, пак, некако не оди едно со друго. Трансформерсите послабо  виреат меѓу академскиот кадар!

ФОКУС Пред 5-6 месеци, и Вие бевте во фокусот на јавноста при изборот на ракописи за учебници. Најавивте тужба, стигнавте ли на суд?

РИСТОВА Да, неколку предмети веќе има на суд, меѓу кои е и мојот. Јас ги тужам двајца од тројцата рецензенти за клевета и еден од членовите на Националната комисија, која исто така се дрзнала да го исфрли во етерот волшебниот збор ПЛАГИЈАТ. Мојот заеднички ракопис со коавторката беше второрангиран, зад прворангираниот, кој е еден од оние што никогаш не смееја да се појават како учебници, но, се испечатија и веќе се учи физика од нив во осмите класови. Истовремено, нема алтернатива за него. Нашиот учебник, воопшто не е понуден за печатење, а го тргнаа и од вебот.

ФОКУС Тогаш беше обезбедена рецензија од институтот за физика, кој најде едно чудо забелешки  на одбраниот учебник, но, сето тоа не наиде на  никаков прием кај министерството, да преземе некакви мерки за корекции барем во некое идно издание на учебникот?

РИСТОВА Не, не, ние не дадовме забелешки, туку, поради обемноста на забелешките ние кажавме дека учебникот мора да се повлече. Едноставно, тој беше непоправлив, па не смееше да се коригира, затоа што секое поправање ќе создаваше нови грешки, бидејќи авторите очигледно не знаат доволно физика. Истовремено, рецензентите тврдеа дека нашиот ракопис  бил напишан на високо ниво, плус, тврдат дека бил плагијат. Тоа е страшно. Тоа е најголемата повреда што сум ја доживеала на професионален план. Тоа ми ја разниша самодовербата. После тоа се прашував, дали јас сум навистина тоа што мислам дека сум, па поради тоа решив да ги тужам за клевета. Замислете, клеветниците кажале дека една слика е украдена од учебникот од седмо одделение!?mimoza6САМ СВОЈ ПЛАГИЈАТОР!?

ФОКУС Каква слика?

РИСТОВА Наводно, во нашиот учебник за осмо одделение била украдена фотографија од учебник за седмо одделение. Еве ја, инаку, приказната за тој учебник од седмо одделение. На наводно спорната фотографија има два балони, кои се снимени во мојот стан. Тие се во рацете на мојата ќерка, која ги држи балоните, електростатски набиени и истриени од коса, за двата балони да се одбијат еден од друг. Значи, ние не сме направиле плагијат. Сликата е наша и ја има во тогашните учебници од Табернакул за седмо и осмо. Имено, истовремено додека бев поканет автор од Табернакул да пишувам учебник по Физика за осмо,  јас бев поканет рецензент на тој учебник за седмо одделение. Напишав негативна рецензија, затоа што тој учебник немаше ниту една оригинална фотографија. Поточно, немаше ниту една фотографија воопшто. Но, авторот на учебникот беше многу повозрасен колега од основно училиште, длабоко во пензија, па не можел да одговори на моите забелешки за да оформам позитивна рецензија. На одговорните во Табернакул им кажав дека не можам да напишам позитивна рецензија за таков учебник, со стар начин на презентирање на содржините во оваа дигитална ера. Тие ме замолија за помош. Тоа беше во времето кога издавачите конкурираа сами за печатење на учебниците, во 2002 година. Ме замолија да го средам учебникот, па јас помогнав со мои 16 оригинални фотографии и многу цртежи, кои ги отстапив, за што добив и благодарница!

ФОКУС Значи, и божем спорната фотографија е Ваша?

РИСТОВА Точно така. Јас имам документ во кој пишува дека ми се заблагодаруваат за подарените фотографии!

ФОКУС Има некој друг пример за наводен плагијат?

РИСТОВА Не, во усна расправија само ги посочиле фамозните балони!

ФОКУС Стигнавте, ли, конечно на суд?

РИСТОВА Да, меѓутоа, само еднаш се појавија, и тоа во нецелосен состав. Сега едвај го чекам моментот кога ќе треба да се соочат со злото што го нанесоа, со болеста што и ја дадоа на Македонија во основното образование. Ученици, поради нив нема да ја знаат физиката, најсериозно ќе ја замразат, затоа што за нејасните реченици, за нејасните закони, тие ќе побараат помош од родителите, кои бездруго ќе шизнат, па ќе побараат помош од платен професор дома, да им објасни на децата и најпосле ќе го искористат нашиот стар учебник, за да можат да си помогнат!

ФОКУС Како може да се разрешат сите овие проблеми, почнувајќи од учебниците, преку потценувачкиот однос кон науката, завршувајќи со спорот околу автономијата на универзитетот?

РИСТОВА Многу лесно. Треба да си одат сите оние што не знаат како да работат, затоа што образованието е најсложениот ресор во секоја држава. Овие луѓе не знаат како да сработат ниту еден сегмент од ресорот – ниту просвета, ниту наука, ниту високо образование… затоа што ниту самите имаат капацитет, ниту, пак, имаат доволно добри советници да ги посоветуваат!

ФОКУС Како се однесуваат кон Вас лично, како дел од јадрото на отпорот?  Дали имате некои притисоци, закани..?

РИСТОВА Да, има притисоци, но, какви и да се, јас ги игнорирам и не ги чувствувам. Едноставно, сметам дека нас професорите, тие нѐ третираат како натприроден феномен, оти веројатно сме толку многу недостижни за нив, па тие не ни сакаат да се занимаваат со нас. Поради тоа, не тргаат на страна.

Врти-заврти, се враќаме на бројките. Мислат дека сме малку на број, дека сме некоја безначајна група на луѓе во нивната гласачка машинерија!

ФОКУС Зар мислите дека не се свесни за вашето големо влијание врз студентите, врз јавноста воопшто, со вашите изјави, анализи и колумни низ медиумите?

РИСТОВА Веројатно тие така мислат, во нивниот есап тоа е така, ние сме им неважна бројка. Едноставно, 4-5 години да игнорираш цела една фела на луѓе од највисок ранг по образованост во својата држава… Веројатно не ја сфаќаат нашата важност!mimoza7МОЖЕБИ САКААТ ДА СИ ЗАМИНЕМЕ

ФОКУС На прес-конференцијата, по повод весникот, изјавивте дека имало закани до деканот на ПМФ поради Вашите јавни настапи. На што конкретно мислевте?

РИСТОВА Видете, нашиот декан доби барање од ректорот, да си поднесе оставка од, за нас, непознати причини. Дојде на наша седница на Деканатската управа, но со ниту една реченица не ни ја разгатна мистеријата околу таквото чудно барање. Меѓутоа, иако не се разгатна, јас имам длабоко чувство дека тоа беше заради мене!

ФОКУС Зошто би било така?

РИСТОВА Затоа што не најдов ниту една друга причина, поради која деканот би требало да си оди од факултетот. Едноставно, мислам дека тоа беше заради неговата немоќ да ме „дисциплинира”  и да ме стави во „подносливи“ рамки, туку напротив, останува мој драг колега и близок соработник. Во два претходни наврати, ректорот имаше пораки до мене, испратени на два различни начини, но, со иста цел – да престанам да пишувам критички колумни во однос на власта во Дневник и Утрински весник!

ФОКУС Не се плашите дека ќе Ве обвинат за придавање преголема важност на самата себе? Знаете какви се кога сакаат некого да омаловажат. Па, која е таа, што се умислува, зошто се занесува?!

РИСТОВА Не верувам дека мислат оти сум толку неважна. Конечно, јас сум еден од ретките женски колумнисти од универзитетот. Нема толку многу колумнистки, мислам дека сум им важна, дека им „рушам“ еден цел ресор со своите изјави, со своите настапи, а, од друга страна, не подлегнувам на притисоци. Јас сум од оние кои не се виткаат лесно, заедно со екипата од 9 колеги од Вокс Академика, кои не подлегнуваме на никакви притисоци, не заради тоа што сме толку многу храбри, туку заради тоа што немаме црни дамки во кариерата. Немам јас финансиски импликации, не се пазариме со нашиот интелектуален труд, ние немаме фабрики, нема каде да не рекетираат. Може само да нѐ фалат или да нѐ дисквалификуваат со евтини етикети. Демек, ние сме од опозицијата. Еднаш самиот министер кажа дека „тоа се два-тројца професори кои се инструирани од опозицијата“. Па после излеговме над 200 професори, само да му ја демантираме бројката, а не имаше во севозможно шаренило од партии, вероисповеди, агностици и атеисти, зелени, сдсмовци и вмровци. Министерот немаше толку многу етикети во кусите му ракави!

ФОКУС Веќе сте „тешки комуњари“?

РИСТОВА Да, баш така. Сега, дури и Милчин да ни понуди пари од Сорос, ние ќе ги одбиеме, затоа што веќе не сакаме да се бавиме со сите тие етикети. Но, затоа деновиве ризикуваме да ни ја налепат новата етикета ПРЕДАВНИЦИ, заради барањето финансиска помош од Рикер и американската влада, за печатењето на Вокс Академика. Имаме право да бараме финансирање, затоа што од вкупно девет, пет професори од нас биле стипендисти на американската влада во својата професионална кариера.

ФОКУС Што ќе се случи, доколку уставниот суд потклекне на притисоците и каже дека промените се супер, законот е фантастичен?

РИСТОВА Мислам дека тоа нема да се случи…

ФОКУС Толку сте уверени дека уставниот суд ќе ја сочува кичмата?

РИСТОВА Точно, верувам дека тие луѓе сеуште имаат интегритет. Барем повеќето од нив!

ФОКУС Но, еве, во една претпоставена, не дај Боже ситуација, законот да стапи на сила, дали ќе можете да работите во таква поставеност на универзитетот?

РИСТОВА Па, можеби повеќе нема да може да се работи. На крајот на краиштата, можеби тоа е и целта – луѓето да престанат да работат и самите  да си заминат!

Поврзани новости