По голем број на реакции од наши граѓани иницирав разговор со надлежните служби во полицијата, од каде информираа дека од вечерва, од околу 23 часот, па до раните утрински часови, се до крајот на топлата сезона, полициска екипа ќе биде присутна во центарот на градот, односно околу раскрсницата, за каде има многу поплаки дека се вози пребрзо, но и дека се прават таканаречените диви трки. Безбедноста на граѓаните е на прво место, и секој мора да ги почитува законите – за ,,Фокус” соопшти градоначалникот на Неготино, д-р Горан Стојанов.
Долгогодишната практика на главната улица ,,Маршал Тито” и на ,,Партизанска” да се возат мотоцикли со голема кубикажа и возила со брзина поголема од дозволената во населено место, посебно во ноќните часови, очигледно ќе биде минато, а граѓаните кои сведочеа на дивеењето по улиците секоја година, во тек на летните месеци апелираа да се стави крај на загрозувањето на животот и безбедноста на сите учесници во сообраќајот.
Градоначалникот појаснува дека засилените полициски контроли ќе бидат секојдневие и мора да се сфати дека нема место за било какви прекршоци.
-Се знае која е дозволената максимална брзина во градот, а од сведочењата на луѓе кои живеат во центарот, редовно се практикувало пребрзо возење, па дури и трки по улиците. Мислев дека нема потреба да се појаснува дека тоа не е дозволено, но бурните реакции на граѓаните кажуваат нешто друго. Затоа, во разговор со надлежните од полицијата, се одлучи нивна екипа постојано да биде присутна на овие места во градот, во периодот кој е посочен како најкритичен.
Исто така, би апелирал до сите кои управуваат со мотоцикли и мопеди, да не го забораваат задолжителното носење на заштитна кацига. Таков е законот и нема изговори за негово непочитување. Родителите на малолетните лица кои возат мопеди да разговараат со своите деца околу тоа кои се законите и дека тие мора да се почитуваат, бидејќи ова е во интерес на сите.
Не само за безбедност на возачите, туку се работи и за безбедноста на сите останати учесници во сообраќајот, како и пешаците, кои во овој период од годината ги има во голем број токму на тие улици, бидејќи пешачат до спортската сала – појаснува д-р Стојанов.
Вели дека се надева како апелот ќе допре до сите засегнати, и потенцира дека казнувањето не е решение ниту пак цел на службите, но никој нема право да загрозува нечија безбедност.
Инаку, казните за управување на мотоцикл или мопед без заштитен шлем изнесуваат околу 3.000 денари, а во градот ретко може да се забележи носење на истиот. Исто така, предвидени се и големи парични казни за возење со брзина поголема од дозволената.
-Ако еднаш се забележи прекршок, може да следи разговор, подучување, предупредување, но не може и по втор пат откако полициските службеници ќе те предупредат, да продолжиш со прекршоците. Неготино секогаш било безбедно место за живеење и тоа така треба да остане – тврди градоначалникот.
Во годините наназад, голем број на граѓани често апелираа преку медиумите да се стави крај на дивеењето на градскиот асфалт. Се бара поставување на легнати полицајци на ,,Маршал Тито”, но и вибрациони ленти околу пешачките премини, кои во последно време стануваат се попопуларен успорувач на брзина.
Околу најавеното поставување на легнат полицаец пред музичкото училиште, градоначалникот вели дека целата постапка е одолговлечена поради фирмата која го добила тендерот за изведба на проектот, но ветува дека општината ќе работи на ставање на крај на сообраќајниот неред и ќе добие успорувачи на брзина на улиците.
Изминатиот период во градот, односно на улицата ,,Маршал Тито” се случија повеќе сообраќајни незгоди, прегазување на пешак, судир помеѓу автомобил и мопед, автомобил поради преголема брзина удри во сообраќаен знак.
Завчера автомобил прегази куче на неколку метри од пешачкиот премин, а сведоци на настанот велат дека возачот дури и не запрел. Можеше да биде и човек, имаше многу луѓе наоколу, ако не можеш да запреш пред големо куче, како ќе го запреш автомобилот ако ти излезе човек пред тебе? – прашуваат.
Жители на оваа улица, пред чии очи се одвивале голем број на сообраќајни прекршоци, велат дека дури планирале тие самите да соберат средства за поставување на успорувачи на брзини, бидејќи од она кое го гледаат секојдневно, загрозена е јавната безбедност.
-Големи мотоцикли се претекнуваат меѓусебно со огромна брзина, автомобили забрзуваат, па потоа ја креваат рачната кочница и се извртуваат среде пат, но и тинејџери кои прават егизибиции на патот, па возат групно со нозете на кормилото на мопедот.
Најмал проблем е создавањето на бучавост поголема од дозволената, за безбедноста се работи. Не само својата, туку и јавната безбедност ја загрозуваат, во повеќе наврати раскажуваа граѓани, кои потврдуваат дека често пати дури и се јавувале во полиција да пријават такви случаи.
Од МВР редовно известуваат за акциски контроли на Одделението за безбедност на патниот сообраќај и за констатирање на прекршоци од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата и Законот за возила кон возачи, на територијата на целата земја.
Пред два дена македонската јавност сведочеше на трагедијата во Штип, кога загина брачен пар, откако во нивниот автомобил удри 19-годишно момче, кое со својот автомобил учествувало во дива трка со автомобили.
-Да се подигне јавната свест, да се почитува редот и законите, за да нема немили настани. Верувам дека нашите сограѓани ќе го сфатат овој апел сериозно, во интерес на целата заедница – порача градоначалникот Стојанов.
Вики Клинчарова