Голготата на велешанката Пале И. (23) се чини како да нема крај. Младата жена која со години трпела семејно насилство од страна на полицаецот Александар Р. (40) со кого живеела во вонбрачна заедница, и кому му нанесе смртоносен убод со нож во време додека ја давел, моментално се наоѓа во домашен притвор.
Таа е сама во трошната куќа, наследена од починатиот татко, каде живеела со сега починатиот Александар, и каде минатата година кон крајот на септември се случи трагичниот настан.
Мерката притвор и е заменета со мерка домашен притвор, но додека била во притвор, нејзиниот дом бил целосно ограбен. Се што можело да се однесе било однесено, а згора на се, и била исклучена електричната енергија поради неплатен долг од околу 40.000 денари.
Веста за ,,Фокус” ја потврди братучетка на Пале, млада сопруга и мајка на две малолетни деца која од пред неколку месеци со семејството живее во странство.
-Пале е сосема сама во ограбената куќа, без електрична енергија. Ние и пративме малку пари, но тоа не ги решава проблемите, нејзе не и остана ништо во домот! Додека беше во притвор, кој сега и е заменет со домашен притвор, во куќата провалил наркоман, кој таму си останал да живее подолго време.
Исто така, се што можело да се однесе е земено, празни се собите. Крадците дури се обиделе да ја украдат и климата, и тогаш некој ги забележал, најверојатно соседите, па повикале полиција. Така, само климата е спасена – раскажува роднината на Пале, Милица.
Додава дека мајката на Пале живее во друга куќа, со својот брат и неговата сопруга, односно со вујкото и вујната на Пале. Била тешко болна со години наназад и не знаела ништо што се случува. Единствено вујкото и вујната на Пале и носеле храна, колку што се во можност.
-Се понесе барање да и биде дозволено на Пале да ја издржува мерката домашен притвор во куќата на вујко и, бидејќи таму има електрична енергија, има луѓе кои ќе бидат покрај неа. Се чека на одлуката на судот. За жал, Пале е сега сама, во мрак во куќата во која се случи настанот, само таа знае како и е.
Пред трагедијата, работеше во странска фабрика во Кавадарци, заработуваше, беше многу вредна и низ дома постојано нешто работеше, иако никогаш не беше ценета поради тоа од страна на Александар. Сега, по настанот нема повеќе примања и е препуштена на себе, а ова со кражбата и дојде како уште еден удар во целата немила ситуација- раскажува Милица.
Вели дека секоја помош од хуманите граѓани, како и од општествено одговорни компании би и била од помош, бидејќи е препуштена на себе, без основни услови за живот во празни соби, во мрак среде зима.
-Роднините и однеле дрва, се трудат да и помогнат колку што се може, но тоа не е доволно. Многу тешка судбина има, ние сме во друга земја, колку и да сакаме не можеме да бидеме покрај неа во овие моменти. Но, и покрај се, таа е многу силна и никогаш не била од оние луѓе кои се жалат, без оглед на се- појаснува Милица.
Додава дека доколку некој сака да помогне, добредојдена е секоја помош.
-Може да ме контактираат хумани граѓани единствено на Вибер, затоа што сум во странство, на бројот 071 330 509, бидејќи не гледам друг начин на кој би се подобрила состојбата во која се најде Пале- вели роднината.
Минатата недела од велешкото обвинителство информираа дека против Пале е поднесено обвинение Убиство на миг.
Веднаш потоа реагираа од Хелсиншкиот комитет за човекови права на одлуката на Јавното обвинителство да покрене обвинение пред надлежен суд против неа, укажувајќи дека таа била долгогодишна жртва на семејно насилство.
Од Хелсиншки комитет сметаат дека во случајот станува збор за акт на самоодбрана, односно за институтот нужна одбрана, а не за сторено кривично дело Убиство на миг.
Вики Клинчарова