Целиот тек на Дунав во Австрија е затворен за пловидба, поради поплави предизвикани од обилните врнежи во оваа земја и соседна Германија.
Оваа одлука ја соопшти државната компанија за водени патишта „Виа Донау“.
„Не може да се гарантира безбедност над одредено ниво на вода. Колку долго ќе останат мерките во сила зависи од понатамошните врнежи и нивото на водата во притоките на Дунав“, изјави за ДПА портпаролот на компанијата Кристоф Кашпар.
Должината на Дунав во Австрија е над 350 километри, од баварскиот пограничен град Пасау до словачкиот главен град Братислава, кој е веднаш на границата.
Затворањето принуди некои бродови за крстарење да се закотвија во Линц, каде Дунав денеска се излеа од своите корита. Затворени се и одредени патишта.
Во Шардинг, кој лежи на реката Ин, притока на Дунав, одбраната е зајакната за да се спречат големи поплави.
Благ пораст на нивото на водата е забележан и во горниот тек на Дунав во Австрија, а експертите очекуваат дека ситуацијата наскоро ќе се смири.