Речиси да нема жител на Балканот кој не налетал изминатиот период во медиумите или пак на социјалните мрежи на фотографија со ликот на Матеј Периш, 27-годишно момче од Сплит, Хрватска, кое пред шест дена исчезна во Белград, Србија.
Веста за неговото исчезнување, и покрај тоа што не се работи за јавна личност, одекна бомбастично и го алармираше целиот регион, со цел секој кој има било каква информација, да помогне при пронаоѓањето на момчето.
Медиуми од Хрватска, Србија, Македонија, Црна Гора, Босна… се преплавени со фотографии од Матеј и детали за настанот. Случајот се следи од миг во миг, постојано испливуваат нови откритија, се објавуваат сите подробности до кои доаѓа полицијата или пак медиумите.
Интересот за случајот е огромен, и регионот се надева на среќен крај на потрагата.
И во Македонија изминативе години се случија низа на мистериозни исчезнувања на млади лица, но сепак, ниту еден случај не предизвикал јавен интерес во размер ниту приближно сличен, како оној за Матеј од Сплит.
Најчесто, кога ќе исчезне младо лице, очајното семејство објавува апел и фотографија на социјалните мрежи, а медиумите се тие кои стапуваат во контакт со роднините и од нив бараат детали за настанот. Од надлежните служби, најчестиот одговор за секој случај на исчезнато лице е дека истрагата е во тек.
Откривање на повеќе детали, вклучување на пошироката јавност, со цел да се соберат што е можно повеќе информации за да се помогне при пронаоѓањето на лицето, е нешто кое кај нас не е практика. На крај, сите случаи завршуваат со штури соопштенија, и многу неодговорени прашања.
Таков е случајот со исчезнатата Марија Брзакова од Босилово, Струмица. Младата сопруга и мајка, која во време на исчезнувањето била бремена, е исчезната од 18-ти јануари 2020 година.
,,Фокус” го следеше настанот и известуваше за него, а од СВР Струмица единствените изјави беа дека се работи на случајот. Што се случи со Марија, дали е жива, дали можеби веќе го родила своето второ дете, и зошто семејството не сакаше да излезе пред камери и да бара помош од јавноста, остана неодговорено. Единствено нејзината мајка во телефонски разговор за ,,Фокус” порача дека оставаат институциите да си ја вршат работата и нема да се мешаат.
Семејството на Љумани Ислам од Крани, Ресен, кој исчезна во март лани, на 29-годишна возраст, на почетокот неколку пати се обрати јавно, барајќи помош во пронаоѓањето на младиот човек. До каде е истрагата со него, дали се дојде до нови сознанија, исто така нема одговор од надлежните служби, а Љумани се уште го нема.
И Илија Лазаревиќ од Демир Капија, кој исчезна лани во април, на 30-годишна возраст, како да пропадна во земја.
Неговата мајка неколку пати преку ,,Фокус” алармираше за неговото исчезнување, бараше помош од јавноста, но и поголема ажурност од полицијата, но до денес, нема ниту нови сознанија за тоа каде би можел да биде нејзиниот син, ниту пак што му се случило.
Од пред месециполовина, на страницата на МВР за исчезнати лица е објавена фотографијата на Никола Милев, 27-годишно момче, кое исчезнало во Струмица. И за него, од СВР Струмица во неколку наврати кратко ни изјавија дека истрагата е во тек, и нема никакви дополнителни детали околу случајот. Дури и неговата сестра, со која ,,Фокус” телефонски контактираше, кратко порача дека нема да дава изјави, бидејќи остава институциите да си ја завршат работата и да го пронајдат нејзиниот брат. До денес, тој не е пронајден.
Во август 2020 година, ,,Фокус” објави интервју со Александра, сестра на Димитар Мицковски од Стругово, Демир Хисар, 25-годишно момче кое заминало во блиската шума да собира печурки, и му се изгубил трагот.
Таа раскажа дека по него се трагало само еден ден, дошле 12 полицајци, лица од шумското претпријатие и волонтери. Очекувала да се бара со дронови, кучиња трагачи и војска, па и со хеликоптер, бидејќи се работи за млад човек, и реагираше дека доколку самите не се јават и прашат дали има нешто ново во истрагата, никој самоиницијативно не го свртувал нивниот број.
Што се случи со Димитар и зошто неговата фотографија ја нема на страницата на исчезнати лица, нема информација за јавноста.
Минатото лето пак, ,,Фокус” пишуваше за исчезнато 31-годишно момче од Драчево, а неговиот брат апелираше до јавноста за било каква информација која ќе помогне во пронаоѓањето. По пет месеци од неговото исчезнување, МВР соопшти дека е пронајдено неговото тело на местото викано Три Круши, а потоа било предадено на обдукција.
Што се случило со момчето и која била причината за неговата смрт, јавноста не успеа да дознае, бидејќи институциите не објавија детали ниту пак резултати од обдукцијата.
Ако се погледне на страницата на МВР за исчезнати лица, долга е листата на оние кои исчезнале во своите дваесетти или пак триесетти години, и на некој начин одамна паднале во заборав од јавноста. За нивните семејства продолжува животот во агонија и тешка неизвесност, а прашањата за судбината на нивните најмили остануваат без одговор.
И додека во Македонија речиси секој случај на исчезнато лице минува тивко, или пак се наоѓа во јавниот фокус само на почеток, а потоа го покрива заборавот, регионот со случајот на Матеј Периш покажа дека не смее, а да се молчи или да се биде незаинтересиран.
Што поголема масовност, што повеќе детали, реконструкции и вклученост на јавноста, толку е поголема довербата во институциите дека даваат се од себе за решавање на случајот, но и поголеми се шансите да се дојде до нови сознанија кои би помогнале. За емпатијата и поддршката која ја добива семејството на момчето во тешкиот период, доволно зборуваат пораките на социјалните мрежи дека Матеј може да биде сечие дете, а случајот го сплоти народот кој се надева дека момчето живо и здраво ќе си оди дома.
Вики Клинчарова