Цели 2,4 милиони евра за сечење гранки и косење трева, а нула за учебници!

by Фокус

Директорот на ЈП Државни патишта од ДУИ, Ејуп Рустеми склучил договор за тендер со фирма од селото Челопеци од Кичево, фирма за која пошироката јавност првпат слуша, за косење трева, кастрење гранки и сечење дрвја во патен појас, и тоа во вредност од над 2,4 милиони евра. Ова е еклатантен пример за криминал и корупција

Пишува: Александар НИКОЛОСКИ

Деновиве се гледа врвот на мизеријата и на синтагмата – корупцијата цвета, а економијата тоне. Министерот за образование кажува дека дел од учениците воопшто нема да добијат учебници во оваа учебна година, затоа што нема пари!

Враќање во 19 век. Уништување на уставно загарантираното право на образование. Во исто време, истата влада доделува 2 милиони и четиристотини илјади евра за, внимавајте, сечење гранки, косење трева и плевел и сечење дрва на патиштата низ Македонија!

Да, добро прочитавте. Илјадници луѓе работат во државните претпријатија за одржување на патиштата, но за ова е потребен тендер! Очигледно криминален тендер!

НАЈСКАПИ КОСАЧИ ТОКМУ ВО МАКЕДОНИЈА

Директорот на ЈП Државни патишта од ДУИ, Ејуп Рустеми склучил договор за тендер со фирма од селото Челопеци од Кичево, фирма за која пошироката јавност првпат слуша, за косење трева, кастрење гранки и сечење дрвја во патен појас, и тоа во вредност од над 2,4 милиони евра. Потенцирам дека ова е еклатантен пример за криминал и корупција.

Треба да се одговори како воопшто се стигнало до овој договор и дали во моментот, најприоритетно за Македонија е сечењето гранки и грмушки, како и дали најскапите косачи на трева во Европа живеат токму во Македонија, па за 2 години ќе земат дури 2 милиони и 400 илјади евра.

Еве неколку ставки – косење трева по квадратен метар е 12 денари, а сечење дрво е 2.500 денари по дрво. Можете да замислите која злоупотреба е ова со вакви цени.

Исто како и за надзорот на градбата на автопатиштата од коридорите 8 и 10, каде што „Електра солушн“, не само што нема искуство во вршењето надзор, туку дејност во која има искуство и во која работела порано е, верувале или не, производство на долна облека!

Фирма со искуство во производство на долна облека ќе го врши надзорот на изградбата на Коридорите 8 и 10.

СТРАНЦИ БАРАЛЕ ФИРМА ЗА ДОЛНА ОБЛЕКА?!

Уште потрагично е што истава оваа фирма, своето учество во тендерот го брани со тоа што била контактирана од меѓународни компании да учествуваат заедно на тендерот.

Кои меѓународни компании ќе бараат фирма што се занимавала со производство на долна облека за учество на најголемиот тендер за надзор во Македонија? И како ја барале таа компанија, која нема лиценца, а не барале фирми со децениско искуство, со чисто портфолио и професионални стандарди?

Оваа фирма Електра солушн ќе земе 8,2 милиони евра од тендерот од 22 милиони евра, а фирмата на бараниот со меѓународна потерница, Бранимир Димитријевиќ, ќе наплати 7,1 милиони евра. Вкупно, овие 2 македонски фирми ќе наплатат 70 отсто од сумата предвидена за надзорот.

Борбата со организираниот криминал и корупција мора да е тема број еден во Македонија ако сакаме да ја задржиме државата и народот во неа. Во спротивно, масовното напуштање на Македонија и миграции само ќе растат. Сѐ до најцрните статистики.

Време е да се стави крај на овие негативни трендови, со силна битка со криминалот и корупцијата и воведување функционален систем на владеење на правото.

Ќе одговараат сите што не обезбедуваат учебници за децата, а криминално доделуваат тендери за сечење дрвја и гранки, трева и плевел. Одговорност мора да има и ќе има!

(Авторот е потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ)

Поврзани новости