Цели 12 години четири апарати за зрачна терапија за болните од рак никако да почнат со работа

by Fokus

Уште во далечната 2012 година, преку Министерство за здравство, на чело со Никола Тодоров, се направија неколку тендери за набавка на акцелератори, апарати за зрачна терапија, кои чинат повеќе од 1,5 милион евра за само еден апарат.

За инсталација и набавка на еден таков апарат потребни се околу 3 милиони евра, бидејќи за да се постави, потребно е да се изгради соодветна зграда (бункер) и во неа да биде сместен апаратот.

ИМА ТЕНДЕРИ, НО НЕ И АКЦЕЛЕРАТОРИ

Еве веќе три  месеци како чукна 2024 година, а од вкупно набавени четири такви апарати уште во 2012 година, бизнис-зделка тешка повеќе од 6 милиони евра само за нив, сѐ уште ниту еден не профункционирал.

Значи, цели 12 години, дел од акцелераторите не се инсталирани и фаќаат прашина во магацините, а и тие што конечно се инсталирани, не работат.

Пред три години, министерот Венко Филипче го промовираше акцелераторот во Градската болница „8 Септември“, но сѐ уште не е пуштен во употреба, со оглед на тоа што во најскоро време треба да почне со работа дневната болница за онкологија.

Од друга страна, пак, апаратите за зрачна терапија во Штип и во Битола, повеќе од една деценија не функционираат. Поточно, во Штипската клиничка болница воопшто немаат добиено таков апарат.

Во 2012 година, Тодоров на прес-конференција истакна дека ресорното Министерство распишало тендери за набавка на 2 нови акцелератори – еден во болницата во Штип и еден во Битола, кои треба да бидат испорачани во рок од 14 месеци по склучувањето на договорот.

– Со двата акцелератори во Битола и еден во Штип потполно ќе ги задоволиме потребите на пациентите за овој вид здравствена услуга – тврдеше пред  години Тодоров.

Тука „пука“ скандалот. Тендерите се распишани и договорите се склучени, но апаратите не се испорачани, односно и во двете болници сѐ уште не се монтирани. Проблемот е уште поголем што овие апарати не се неколку илјади евра, туку се работи за милионски суми на пари.

Според податоците на Бирото за јавни набавки, првиот тендер е распишан пред точно 12 години, во 2012 година. Договорот е склучен на 21 декември, истата година со холандската фирма „Симед Интернатионал бв“ за набавка на два линеарни акцелератори за потребите на двете клинички болници во Битола и во Штип. Вредноста на договорот е вртоглави 2,8 милиони евра.

Штипската клиничка болница е регионален центар за истокот, каде што се опслужуваат повеќе од 200.000 граѓани, кои, за да се зрачат, мора да дојдат на онколошката клиника. Таму воопшто го немаат ни видено тој акцелератор, а не, пак, да се монтира или да почне да се користи.

За кај нас беше најавен еден апарат за зрачна терапија, но досега воопшто не е донесен. Ние не знаеме ни што се случува, ни каде е. Во дворот демек почна да се гради бункер и тоа се стопираше – тврди во изјава за „Фокус“, Ален Горгиев, директор на болницата.

Е, сега тоа што е скандалозно во целата приказна е што за потребите на апаратот за зрачна терапија во Штип, кој не постои на БЈН, можат да се најдат неколку тендери за изградба на бункер, каде што ќе биде сместен акцелераторот.

Првиот тендер е на 9 септември 2013 година, бизнис-зделка тешка речиси 870.000 евра. Па така, во 2015 година се прави уште еден тендер, но сега за набавка, достава и монтажа за врати на бункер во вкупна вредност од 143.902 евра.

Како овие тендери да не се доволни, па на 6 ноември 2016 година, повторно се распишува тендер за истата намена, поточно за (изградба на бункер) во Клиничката болница во Штип, за што се потрошени уште 341.367 евра.

По две години, поточно во 2017 години, Министерството за здравство распишува уште еден тендер за инсталација на линеарни акцелератори во вкупна вредност од 740.621 евро. Тоа се само вртоглавите суми на направени тендери за апарат, кој воопшто не постои, како и бункер, кој воопшто не постои.

Од тука останува нејасно, колку пати се граделе бункерите, дали воопшто се граделе, зошто и по 12 години, пациентите никако да добијат зрачна терапија?

Со сличен проблем е и битолската клиничка болница. И таму се редат тендери, но акцелераторот не функционира, нема зрачна терапија за најтешко болните пациенти.

Дополнителен проблем за некои медицински апарати да бидат инсталирани претставува и тоа што се потребни еден куп пари, за да се обезбедат соодветни простории, бункери и реновирање на просторот каде што ќе биде сместена опремата.

Исто така, голем проблем претставува и тоа што со медицинската опрема нема кој да работи, нема обучен кадар, а нема ниту пари, ниту план за нејзино понатамошно одржување.

НЕКОЛКУ МИЛИОНИ ЕВРА

И повторно се враќаме на скопската Клиника за онкологија, каде што се слеваат повеќе од 80.000 пациенти на годишно ниво. Од сите градови во Македонија, најтешко болните доаѓаат во оваа клиника, но и таму главниот апарат за зрачење, набавен пред неколку години, не бил ставен во функција.

Според документите од Бирото за јавни набавки, во 2019 година, во време на владеењето на Филипче со Министерството за здравство е набавен апарат за зрачна терапија за потребите на скопска Онкологија, бизнис-зделка, тешка речиси 1,8 милиони евра. На тендерот учествувале две фирми, од кои победничката „Би-Мек“ ја понудила најниската цена.

Сепак, и според условите опишани во договорот, акцелераторот не бил пуштен во употреба, а во тоа време со клиниката управувал доктор Нино Васев.

Така што, според нашите информации, овој апарат бил сочуван, но од страна на фирмата, а не бил инсталиран бидејќи клиниката не ги исполнила условите потребни за негово функционирање.

Тоа се констатира и во документите од Државниот завод за ревизија, а тоа што е уште пострашно, според наши информации е дека сега ќе треба да се платат дополнителни средства, и тоа поголема сума за да се адаптира и просторот и конечно да се стави во функција акцелераторот.

Директорот на Државниот завод за ревизија, Максим Ацевски, на една од анкетните комисии пред пратениците го презентираше ревизорскиот извештај, од кој очигледно, како што рече, произлегува дека Македонија е многу богата држава.
Поради неодговорно и недомаќинско работење, на Клиниката за онкологија ѝ пропаднал цел акцелератор од 1,7 милиони евра, кој сега, и да сакаат, не можат да го вратат во функција, освен ако не ѝ дадат нови милиони евра на фирмата набавувач.

Дадени се пари од државниот буџет за медицинска опрема, но некој, или не сака, или не знае да ја стави во употреба. Во 2016 година е набавен акцелератор вреден 1,7 милиони евра, но, за жал, до денес не е во употреба.

 

Потрагично е што овој акцелератор веќе не може да се стави во функција, па набавувачот нудел нови алтернативи. Или да се набави дополнителна опрема од 2,5 милиони евра, или да се купат два нови акцелератори за 5,2 милиони евра. Тоа значи дека досега дадените пари за оваа намена, отишле во ветер – констатираше ревизорот Ацевски.

 

„Фокус“ стапи во контакт и со актуелната директорка на болницата, Виолета Клисаровска, кој истакна дека апаратот за зрачна терапија е набавен веќе неколку години, но досега не бил пуштен во употреба.

 

Тој се чувал во магацинот на фирмата, а сега веќе физички е сместен во болницата и се очекува од средината на годината да почне да функционира и на него да легне првиот пациент. Постепено ќе усовршиме и една нова метода, радиотерапија и тоа ќе биде децениски настан – вели директорката Клисаровска.

Ирена Мулачка

Поврзани новости