Академик Владо Камбовски, вели дека нема логика да се формира експертска група за уставни измени без консензус на Собранието. Тој демантира дека е ангажиран во групата експерти за предлозите за измените на Уставот поврзани со пристапните преговори со ЕУ.
„Јас не знам што би работела таа експертска група. Ќе расправа и ќе испраќа предлози. До кого? Целата работа е наопаку поставена. За уставни измени треба првин да има политички консензус, согласност од парламентарните партии дека треба да се случат, во ситуацијава, за внесување на нови заедници во Преамбулата. Откако ќе се изгласа тој консензус, претседателот ја свикува Собраниската комисија за уставни прашања и таа почнува да заседава и да работи. Таму треба да стигнуваат предлозите. Ако на членовите на Комисијата им е потребна помош, тогаш тие одлучуваат да повикаат експерти“, изјави Камбовски за Сакам да кажам.