Уредникот и десет новинари на рускиот дневен весник „Комерсант“ соопштија дека поднесуваат оставки поради отпуштања на двајца колеги поради напис за можни промени на позициите меѓу блиски соработници на рускиот претседател Владимир Путин.
Оставките, кои ги поднесоа сите новинари во политичката редакција на весникот, укажуваат на тензиите меѓу вработените во издаваштвото и новинарството во земја во која државата строго ги надгледува медиумите, тврдат светските агенции кои ја пренесуваат веста.
Новинарите Иван Сафронов и Максим Иванов претходно изјавија дека биле принудени да поднесат оставки, откако на 17 април напишале напис за тоа дека во наредните неколку месеци шефот на руската Надворешна разузнавачка служба Сергеј Нарушкин би можел да ја замени Валентина Матвијенко на функцијата претседател на Советот на Руската Федерација.
Засега не е познато што предизвикало спор во врска со објавениот текст меѓу новинарите и издавачката куќа на весникот „Комерсант“, чиј сопственик е бизнисменот и милијардерот Алишер Усманов.
Портпаролите на Матвијенко и Нарушкин ги негираа информациите, а спорниот напис се уште е достапен на интернет страницата на „Комерсант“.