Цела недела не работат семафори на раскрсница во Капиштец: Преминување на улица ни е невозможна мисија!

by Fokus

Веќе цела недела не се во функција семафорите во Капиштец, кај Цветен пазар, на раскрсницата помеѓу „Народен фронт“ и „Свети Кирил и Методиј“. Граѓани реагираа за проблемот до редакцијата на „Фокус“, со апел надлежните институции што е можно побргу да го санираат проблемот, пред да се случи трагедија.

– Се работи за доста прометна улица, раскрсница, каде овие денови откако не работат семафорите, чекаме и по повеќе од 15 минути за да преминеме преку коловозот. Се изнаслушавме на чкрипење на гуми, се нема сообраќајна култура, ретко кој возач застанува пред пешачките премини да пропушти пешаци. Бројни пешаци кои редовно поминуваат овде за влакно избегнаа да бидат прегазени од нервозни и брзи возачи!

Недозволива и крајно ризична ситуација во главниот град на државата! Не може безбедно да се премине улица, и што е уште полошо, ова трае со денови, раскажуваат жители на Капиштец.

За случајот „Фокус“ го контактираше операторот 112, каде се пријавуваат ризици, опасности и несреќи. Од таму истакнаа дека пријавата ќе биде проследена до надлежните институции, а до објавата на веста ниту една институција јавно се нема огласено по повод дефектот со семафорите.

Нема ниту соопштение за јавноста и учесниците во сообраќајот да бидат претпазливи во тој дел од градот, ниту пак најава кога евентуално семафорите ќе проработат.

Вики Клинчарова

Поврзани новости