Голем број на јавни реакции предизвика приказната за агонијата низ која веќе дваесет години минува 37-годишниот Јане Пирганоски од Прилеп, а која се објави во ,,Фокус”.
Како што раскажа таткото на Јане, Љупчо, неговиот син е во будна кома, повеќе од 16 години хоспитализиран во прилепската болница, каде се нема ниту услови, ниту пак стручен кадар за вакви пациенти. Таму, само го хранат и го одржуваат во живот. Друга опција која му се нуди е да си го земе детето и сам да си го чува дома.
Во годините наназад, откако Јане на 17-годишна возраст паднал во кома, Љупчо дури пет пати имал обиди да го однесе на лекување во странство, на клиники од каде давале ветувачки прогнози, но државата била глува за неговите барања.
Сега, последниот обид е да се однесе Јане на клиника во Загреб, каде лекувањето изнесува околу 23.000 евра, но таткото од лани чека конзилијарно мислење од Клиниката за неврохирургија. Токму поради агонијата низ која минува ова семејство, бројни се јавните апели да се отворат сметки за донации, па со помош на хуманиот народ, како во бројни случаи наназад, да му се помогне на младото момче.
Сепак, како што појаснува таткото, не сака да потклекне и да бара мислостина од народот, бидејќи како на човек кој целиот живот редовно плаќал здравствено осигурување на државата, смета дека му следува лекување за синот.
-Нели нашата држава според Уставот е демократска, социјална и солидарна и на секој граѓанин му гарантира здравствена заштита? Не, овде се убиваат пациентите! Јас и мојата сопруга која почина поради неправдите кои ни се случија, цел живот плаќавме здравствено осигурување. Заедно имаме околу 80 години работен стаж. Колку пари од нас се легнати во тој, солидарен фонд?
Кој му дава право на фондот, на државата, на сите засегнати институции да газат по човечкото достоинство и да го тераат народот да питачи?
Нека ни напишат конзилијарно мислење, да си го однесам детето во странство, па потоа и да умрам, не жалам. Мојата сопруга почина бидејќи ситни души и ја убија надежта, помош баравме од сите, но никој не помогна. Тие зборови ги напишав и на нејзината надгробна плоча, да сведочат за неправдите со кои се носиме – вели огорчениот татко.
Откако се објави приказната за Јане на насловната страница на неделникот ,,Фокус”, а потоа се објавија и повеќе текстови на темата во електронското издание на медиумот, ниту една надлежна институција не го контактирала Љупчо.
Вели дека сите остануваат глуви, ниту од Министерство за здравство го побарале, иако сите се запознати со состојбата на Јане, ниту од Клиника за неврохирургија, ниту од Фондот за здравствено осигурување.
-Никаков интерес, никаква човечка емпатија! Ниту еден владин функционер кој е дел од надлежните институции не ме побара, барем да праша што се случува и зошто минуваме низ ова. Достапен сум 24 часа на ден, нека ме побараат, нека дојдат да го посетат Јане!
На овие деца им треба соодветна терапија, лекување, рехабилитација, а не само да се хранат. Ова е тивка еутаназија која му се прави на син ми. Ем се нема капацитет за негово лекување, ем не се дозволува да се обидеме на клиники кои се стручни за вакви состојби. Државата нема да ме натера да питачам за спас на моето дете, бидејќи доволно сум допринесувал, и не само јас, туку и родителите на сите оние деца, чии апели за донации редовно ги читаме.
Треба ли да излезам на странски телевизии и да кажам каков третман добиваме ние овде, во нашата земја? Уште еднаш апелирам до сите надлежни, да ме контактираат и да се најде решение за лекувањето на син ми, бидејќи агонијата ни трае две децении – порача Пирганоски.
Вики Клинчарова