Цел живот беше воин и до последен момент лавовски се бореше, вели синот на актерката Весна Стојановска – Николовска

by Fokus

Вчера во Скопје беше погребана актерката Весна Стојановска – Николовска (66), познат лик од малите екрани, посебно од периодот кога беа доста актуелни и популарни Македонските народни приказни, но исто така позната и по бројни улоги во ,,Солунски патрдии”, ,,Еурека”, ,,Тврдокорни”, ,,Последната македонска елегија” и други.

Иако јавноста веднаш ја препознава како убавата актерка од приказните, сепак за нејзиниот приватен живот ретко се пишувало во медиумите.
Како што раскажува за ,,Фокус” нејзиниот син единец, Виктор, таа била енергична жена која многу го сакала животот, а актерството и го одбележало целиот животен пат.

-Пред околу шест месеци мајка ми имаше работен ангажман, читаше поезија за време на промоција на книга од Борче Гроздановски, не многу долго пред тоа пак, беше дел од претстава. Живееше за актерството, глумата беше патот кој таа го избрала и по кој го изоди својот живот.
Кога бев мал, во тој период беше најактуелна поради Македонските народни приказни, и многу често не запираа луѓе на улица, и бараа автограм, насекаде ја препознаваа. Јас, како дете, тогаш не ја разбирав доволно таа популарност, па дури и се срамев кога ни приоѓаа луѓе. Потоа, кога веќе поминаа годините, на некој начин пак, ми сметаше тоа што како да паднаа во заборав нејзините улоги во приказните, се прашував зошто не е повеќе така популарна.

Штета што во тоа време не постоеше интернетот, социјалните мрежи, па немаме доволно фотографии од снимања, од сите настани на кои таа учествуваше. Сега, кога се навраќам на сето тоа, сфаќам дека мајка ми сепак остави голем белег во македонското глумиште, раскажува Виктор.

Додава дека неговиот татко починал пред седум години, а Весна продолжила храбро низ животот. Многу сакала да се дружи, имала бројни пријатели, постојано била опкружена со луѓе. Кога пред два месеца се соочила со здравствен проблем, не прифаќала пораз, верувала дека ќе се избори за своето здравје и живот, а познавајќи ја добро, и најблиските до последен момент верувале дека ќе ги надмине сите препреки.

-Се се случи многу бргу, во рок од два месеца. Мајка ми се соочи со здравствен предизвик за кој сите, а најмногу таа, бевме уверени дека ќе го надмине. Не се предаваше, секогаш беше голем воин, многу жива, енергична…
Дури последниот ден, пред да почине, како сите да сфативме дека ете, толку било, дека доаѓа крајот на нејзиниот живот. И освен по улогите, секогаш ќе ја памтиме и по нејзината борбеност и волја за живот, по нејзиното неприфаќање на порази. Благословени бевме што ја имавме, раскажа Виктор.

Весна Стојановска – Николовска беше долгогодишна актерка во Македонскиот народен театар, но и еден од симболите на Македонските народни приказни, покрај нејзините колеги Ѓорѓи Колозов, Шенка Колозова, Гоце Тодоровски, Ванчо Петрушевски, Владимир Ангеловски – Дади, Лазар Бараков, Џемаил Максут, Димче Мешковски, Стојна Костовска и други.

Вики Клинчарова

Поврзани новости