Репрезентацијата на Македонија вечерва од 20.45 часот го игра најважниот меч во нашата историја – финале за пласман на СП 2022 година во Катар.
Противник е селекцијата на Португалија која ја има улогата на голем фаворит против тимот на Благоја Милевски, кој по чудото во Италија, ќе се бори за нова светска сензација, овојпат во Порто.
Притисокот секако е врз Португалија, во чии редови е Кристијано Роналдо и ова е последна можност да заигра на СП со оглед на тоа дека има 37 години. Светските медиуми ја кренаа македонската селекција во изминатите неколку дена, давајќи им ветер во грб на нашите репрезентативци за нов шок.
Едно е сигурно – вечерва цел Балкан ќе дише за Македонија, која ја добива цела поддршката и од многу европски држави. За тоа сведочат реакциите по елиминацијата на Италија:
„Браво браќа. Каде ќе оди светот на лудиот Балкан? Овде на Балканот е некој темперамент и страст која постои во многу малку држави денеска. Честитки уште еднаш“
„Поздрав од Словенија. Во Македонија служев војска 1987/88 година во Куманово и затоа ми е посебно драго. Би бил најсреќен да ја победите и Португалија, па да навивам за вас во Катар“
„Таму кај што вечно сонце сјае, таму е Македонија. Честитки Македонци!“
„Секоја чест Македонци, ја заслуживте победата. Ова покажува дека нас Балканците, никогаш не смеат да не потценат. Покажете на Португалија со кого си имаат работа. Поздрав од Хрватска“
„Толку мали, а толку големи. Доказ дека колку малку сложност може да ни донесе убави работи. Драго ми е што полека доаѓа до израз тој наш балкански менталитет, словенска душа. Ајде сега уште таа Португалија, ќе биде уште потешко отколку со Италија, но не и невозможно“
„Браво браќа Македонци. Драго ми е, како ние да победивме. Само уште таа Португалија и се гледаме во Катар. Цела Хрватска е со вас“
Нашата селекција на „Драгао“ ќе има поддршка од околу 2.000 навивачи, кои се надеваат на уште едно славје и нов фудбалски „земјотрес“ во светски рамки. Добра вест за селекторот Милевски е враќањето на Елмас и Костадинов, кои поради жолти картони беа во „аут“ против Италија.
Јорданчо Цветаноски