Опозициските демохристијански ЦДУ и ЦСУ во Германија се убедливи победници на изборите за Европскиот парламент, а на второ место е крајнодесничарската Алтернатива за Германија (АФД), покажаа првите излезни анкети.
Според првите прогнози, социјалдемократската СПД на канцеларот Олаф Шолц го зазеде дури третото место, а по неа се Зелените кои претрпеа значителен удар во однос на изборите во 2019 година кога освоија 20,5 отсто од гласовите и либералната ФДП.
Христијанско-демократската унија (ЦДУ) и нејзината помала баварска сестра, Христијанско-социјалната унија (ЦСУ), освоија меѓу 29,5 и 30 отсто од гласовите, објавија јавните радиодифузери АРД и ЗДФ.
АфД доби 16 до 16,5 отсто, додека СПД од 15,8 отсто во 2019 година, сега падна на 14 отсто. Зелените паднаа на 12 до 12,5 отсто. Бројот на гласови за ФДП остана речиси непроменет на околу 5 проценти.
СПД, Зелените и ФДП ја формираат владејачката коалиција во Германија.
Партијата Левица, исто така, освои значително помалку од претходните избори, само околу 3 отсто, а со околу 6 отсто беше надмината од новата партија Сахра Вагенкнехт, основана од поранешен член на партијата Левица.
Со 84,4 милиони жители, Германија е најголемата членка на Европската унија и нејзините околу 65 милиони гласачи избираат 96 членови на Европскиот парламент, за кои се избираат вкупно 720 членови. Во Германија нема изборен праг на европските избори.