(Архива) Црна листа: Американците нема да апсат, но ќе ставаат на „ѕидот на срамот“

Американскиот тим за санкции беше во Македонија со намера да ја детектира корупцијата, нема да апси корумпирани функционери, но ќе ги искористи своите инструменти за притисок врз власта, преку нашите институции да се ослободи од „недопирливите“. Денеска на црна листа го стави струшкиот градоначалник Рамиз Мерко

by fokus

Текстот е објавен на 19 декември 2022 година во неделникот број 1419

Пишува: Фросина ФАКОВА-СЕРАФИНОВИЌ

Дијана Кајмаковиќ од 2008 година била обвинителка во посебниот оддел на  Обвинителството на Босна и Херцеговина за криминал и корупција, а од 2019 година е именувана за заменик на главниот обвинител на Обвинителството на Босна и Херцеговина.

Во 2009 година учествувала на студиско патување во САД, односно се усовршувала во борбата против организираниот криминал и корупција според најдобрата меѓународна пракса.

Кајмаковиќ била член и на Работната група за изработка на Акцискиот план за спроведување на Стратегијата на Босна и Херцеговина за борба против организираниот криминал во периодот од 2009 до 2012 година. Исто така, посетувала и специјализирана обука за работа во заеднички истражни тимови за Југоисточна Европа.

Официјалната биографија на оваа босанска обвинителка зборува за успешен обвинител, кој гони висок криминал и корупција. Но, сите овие успеси, обуки и случаи паѓаат во вода откако е фатена во аферата што ја тресеше Босна и Херцеговина – „Скајмаковиќ“.

Експертите на западните служби, минатата година ја „разбиле“ код-апликацијата „Скај“, која станала рудник за информации, кои обвинителите и полициските агенции ги водат до извршителите на кривични дела.

Станува збор за платформа за комуникација преку мобилни телефони, којашто не може да се инсталира на кој било телефон, туку само на одредени марки телефони.

Апликацијата ја користат криминалците ширум светот и преку нејзе разменуваат пораки за своите активности, без ризик дека ќе завршат во затвор. Фирмата што ја развила апликацијата била од Ванкувер и прво легално работела во САД од 2008 година, додека ФБИ не ја затвори и ја укина.

ФБИ како причина наведе дека апликацијата станала многу популарен канал за комуникации меѓу криминални групи во земјите од Европа. Оваа апликација бара проверка на автентичноста, што значи дека никој нема пристап до пораките и ги чува на меморискиот уред.

Пристапот се плаќа во зависност од тоа колку долго апликацијата се користи, а лиценците се движат од 600 и 2.200 евра и може да траат три месеци, шест месеци или една година. Се маскира како калкулатор на телефонот и кога ќе се вклучи тајниот режим, апликацијата изгледа како кој било друг калкулатор.

ОБВИНИТЕЛКА НА ЛИНИЈА СО НАРКО-ДИЛЕРИ

Кајмаковиќ го водела истражниот тим, кој со месеци го дешифрирале мозаикот од информации извлечен од апликациите. Тимот податоците ги добивал од Европол и американските агенции, како што е ФБИ.

Но, кога „уловиле“ преписки од обвинителката, таа веднаш беше тргната од тимот. Всушност, според босанските медиуми, обвинителката била во контакт со нарко-групи, кои биле фатени преку овие апликации, оддавала тајни од истрагата и на еден од нив му барала скапоцен апартман за да не биде уапсен.

Сето ова беше откриено во април оваа година, а во септември оваа година, Канцеларијата за контрола на странски имот при Министерството за финансии на САД, Кајмаковиќ ја стави на „црната листа“ за поткопување на демократските процеси или институции на Западен Балкан.

Во образложението стоело дека Кајмаковиќ е „дрско корумпирана државна обвинителка на БиХ поврзана со криминални организации“.

Како поддршка на трговците со наркотици и на други криминалци, Кајмаковиќ помагала во криење на доказите, спречување на кривичното гонење и на други начини ги помагала криминалните активности во замена за лична корист.

Исто така, се обидела да ја блокира истрагата за своите очигледни криминални врски, се наведува во образложението на одлуката со која е санкционирана Кајмаковиќ.

Амбасадата на САД во БиХ објави дека Кајмаковиќ е „прав пример зошто е на најниско ниво довербата на граѓаните во способноста правосудниот систем да се „фати“ во костец со ендемската корупција“.

Кајмаковиќ, меѓутоа, беше суспендирана од функцијата заменик на државниот обвинител дури на 31 ноември, бидејќи Високиот судски и обвинителски совет на БиХ истражуваше дали Кајмаковиќ ја прекршила должноста во објавувањето на својата работа.

ГРУЕВСКИ И МИЈАЛКОВ НА „ЦРНАТА ЛИСТА“

Кајмаковиќ не е единствената носителка на правосудна функција во БиХ што се најде на таканаречената „црна листа“ на САД.

Меѓу нив е и поранешната главна обвинителка на Обвинителството на БиХ, Гордана Тадиќ, бидејќи наводно ја злоупотребила својата положба како главна обвинителка за лични и семејни интереси и наводно наплатила станбен надомест по пат на фиктивен договор. Но, таа, иако е сменета од оваа функција, сѐ уште работи како обвинителка.

Заедно со Тадиќ, на „црната листа“ во април годинава имаше и познати македонски имиња – поранешниот премиер Никола Груевски и поранешниот прв човек на  Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков.

На листата е ставена и фирмата што Груевски ја отвори во Унгарија минатата година. Станува збор за компанијата I.C.I.C. LTD“, со адреса во Унгарија, која е отворена на 15 јули 2021 година, а Стејт департментoт ја поврзува со поранешниот премиер Груевски.

Американската влада, во образложението за Груевски и за Мијалков наведува дека се одлучила на ваков чекор како одговор на нивната вмешаност во значителна корупција. Нивните постапки го поткопале владеењето на правото, демократските институции и јавните процеси во двете земји и ја нарушиле довербата на јавноста во владите.

Покрај двајцата, забрана за патување во САД има и за нивните семејства. Тоа значи дека Груевски, Мијалков и членовите на нивните потесни семејства се неподобни за влез во САД.

Тие се обвинети во повеќе предмети отворени од поранешното СЈО, а за некои веќе им се изречени затворски казни. Груевски во ноември 2018 година побегна во Унгарија каде што набргу доби политички азил.

Сепак, според една изјава на директорот на Управата за финансиско разузнавање, Блажо Трендафилов, дадена по објавувањето на листата, ако тие и нивните семејства поседуваат компании во Македонија, државата против нив може да примени мерки само ако Владата донесе таква одлука, бидејќи Македонија автоматски ги прима само санкционирани од листата на Обединетите нации.

-Европската и американската листа може да се примени само со одлука на владата. Додека македонската влада не донесе таква одлука што потоа ќе биде објавена во Службен весник, тие листи немаат правна сила во Македонија – изјавил Трендафилов.

Американската уредба за санкции е во сила од 2001 година и оттогаш санкциите редовно се продолжуваат.

Американскиот претседател Џо Бајден, на 8 јуни 2021 година го прошири опсегот на критериуми за воведување американски санкции кон поединци и компании од држави од Западен Балкан што се одговорни или учествувале во корупција или поткопување на демократските процеси или институции во овој дел.

КОЈ СЀ БИЛ НА ОБУКИ ОД САД?

Но, она што првпат се случува кај нас е доаѓањето на тимот од Вашингтон, кој, како што најави новата американска амбасадорка Анџела Агелер, ќе преземе поагресивен пристап кон минатите и сегашните корумпирани актери и ќе ги разгледа сите можни постапки.

На правосудниот сектор во Северна Македонија му требаат повеќе истраги, обвинителите да покажат дека никој не е над законот“, напиша амбасадорката Агелер.

Па, така примерот со босанската обвинителка Кајмаковиќ не е единствен, но е најблиску до она што се случува кај нас, а тоа е уништена доверба во правосудниот систем, корумпирано општество и „болна“ партизација.

Агелер, на првиот настап во земјава кажа дека нејзин приоритет ќе биде борбата против корупцијата и покажа отворено незадоволство од изборот на новиот шеф на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Ислам Абази.

Но, веднаш по пораката за тимот за санкции, таа имаше телевизиски настап и уште поотворено ги искритикува судиите и обвинителите.

Таа е разочарана од довербата на граѓаните од ниските осум проценти во правосудството, иако САД имаат дадено многу пари за обуки и за судиите и за обвинителите.

-Еден месец сум тука и видов работи што се збунувачки, проблематични и тоа е огромно разочарување. Зборуваме за декади од инвестиции. Говориме за милиони и милиони долари платени од даночните обврзници на САД да инвестираат во судството во оваа земја. Ние, но уште повеќе луѓето на оваа земја заслужуваат да видат поврат на таа инвестиција – порача Агелер.

Сепак, ниту од Кривичниот суд, ниту од Обвинителството, ниту од Академијата за судии и јавни обвинители не добивме одговор колку судии и обвинители посетиле обуки во САД.

„Обуките на судиите се организираат преку Академијата за судии и јавни обвинители. Воедно, покрај тековни обуки, се организираат и обуки преку програмата на УСАИД, Факултативни посети на САД, регионални и меЃународни симпозиуми финансирани од Соединетите Американски Држави и слично, на кои судиите можат да се пријавуваат индивидуално.

Затоа за бројот на организирани обуки финансирани од Амбасадата на САД, како и бројот на судии што учествувале, за временски период за кој се интересирате, потребно е да се обратите до Академијата за судии и јавни обвинители и до Амбасадата на САД во Скопје.

Судиите на кривичниот суд ги имаат поминато сите задолжително обуки согласно годишните програми за обуки“, ни одговорија од Кривичниот суд.

Сличен одговор добивме и од Обвинителството, а од Академијата не добивме одговор.

ИНСТРУМЕНТИ И МЕХАНИЗМИ ЗА КОНТРОЛА

Од примерот во Босна и од разговори со упатени извори, американскиот тим за санкции сигурно нема да апси корумпирани функционери, но затоа оние што ќе ги „уловат“ преку нивните достапни бази на податоци, ќе ги стават на „ѕидот на срамот“ или ќе воведат некој друг вид санкции, па надлежните органи нема да можат да молчат пред она што го констатирале Американците.

Според поранешниот амбасадор во САД Васко Наумовски, членството во НАТО и ЕУ значи и воспоставување дополнителни механизми за контрола на политичарите.

-Еден инструмент е т.н. црна листа, која ги обелоденува корумпираните политичари, и дава до знаење дека за криминалците нема место во политичкиот живот на држава-членка на НАТО и идна држава-членка на ЕУ. Корупцијата на познава етнички или партиски граници, таа постои кај сите партии, на сите нивоа на власта, и конечно мора да станеме свесни дека самите сме одговорни кому ја даваме довербата да ја води државата – вели Наумовски.

На оваа листа може да се најдат корумпирани политичари, бизнисмени, судии и обвинители, кои имаат имот што не може да го оправдаат, а веќе почнаа да излегуваат информации дека близок бизнисмен на ДУИ ќе биде следен за отстрел.

-Во секој случај, повеќе од јасно е дека нивното постапување и учество во идните финансиски истраги против актуелни и поранешни функционери ќе биде во рамките на законот, меѓународната правна помош, но во исклучива ингеренција за постапување на нашите надлежни органи и пред домашните судови – коментира поранешниот судија, а сега адвокат Владимир Туфегџиќ.

Тоа значи дека што и да направат Американците, нашите институции се тие што треба да покажат независност и професионалност и да им одолеат на „недопирливите“. А, тие, како и „уловените“ обвинители во БиХ, ќе пробаат да ги искористат сите механизми што им ги нуди државата и да пробаат да го изиграат системот, како и досега.

Васко Наумовски, поранешен амбасадор

ТИМОТ НА САД ЗНАЧИ ПРИТИСОК ВРЗ ВЛАСТА

Доаѓањето на тимот е добра вест за борбата против корупцијата, а лоша вест за власта, бидејќи доколку власта си ја врши работата како што треба – нема да има потреба од надворешни актери, коментира за „Фокус“ Васко Наумовски, поранешен амбасадор во САД.

-Ова може да се толкува и како своевиден притисок врз власта и охрабрување за граѓаните, цивилното општество, медиумите отворено да пријавуваат корупција, како и охрабрување за оној дел од судството и обвинителството кои се непристрасни и професионални во своето работење – вели Наумовски.

Според него, американските интереси во регионот се поврзани со целосна стабилизација на Балканот и негова интеграција во ЕУ, а корупцијата и организираниот криминал се во директна спротивност со овие цели.

Владимир Туфегџиќ, поранешен судија

АМЕРИКАНЦИТЕ ЌЕ ГИ БАРААТ ПРЕДМЕТИТЕ НА СЈО?

Верувам дека улогата на американскиот тим за истраги ќе биде во рамките на меѓународната правна помош во кривичната материја и нашите надлежни органи во таа смисла ќе имаат потполно легитимна соработка, бидејќи како држава сме потписници на меѓународните договори за соработка во кривичната материја, коментира за „Фокус“, поранешниот судија во Кривичниот суд и сега адвокат, Владимир Туфегџиќ.

Според него, очигледно е дека предмет на интерес се финансиските истраги за сегашните и поранешните функционери и за него нема да биде изненадување ако бидат побарани податоци и известувања за предмети што беа предмет на истрага во СЈО, а дел од нив немаа свој епилог.

Амбасада на САД

НЕКОИ ИДЕНТИФИКАЦИИ СЕ ПРАВАТ ЈАВНО, ДРУГИ ПРИВАТНО

Тимот за санкции од Вашингтон, кој беше во Македонија, со цел поагресивно да истражува корупција кај поранешни, но и актуелни функционери, си заминал од земјава, откриваат за „Фокус“ од Амбасадата на САД во Македонија.

Сепак, во одговорот нема објаснување дали тимот веќе ја скенирал состојбата во земјава и дали пак ќе дојде, но од амбасадата порачуваат дека се посветени да ги повикаат на одговорност тие што се вклучени во висока корупција и дека ќе продолжат да ги користат сите достапни алатки за борба против корупцијата на глобално ниво.

Стејт департментот разгледува низа достапни органи/власти, во координација со меѓуагенциските колеги, да преземат соодветни активности за да одговорат на корупцијата.

Назначувањата/именувањето од страна на овие власти им дозволува на Соединетите Држави да промовираат одговорност за сегашните и поранешните владини функционери што се впуштаат во корупција или вршат кршење и злоупотреби на човековите права и да ги поддржат напорите за попречување или одвраќање на идните злоупотреби, велат од Амбасадата на САД за „Фокус“.

Кога државниот секретар ќе добие веродостојни информации дека актуелен или поранешен функционер на странска влада бил вмешан, директно или индиректно, во значителна корупција или грубо кршење на човековите права, како што објаснуваат од амбасадата, од секретарот се бара да го назначи или да го идентификува тој службеник и членовите на неговото потесно семејството според Член 7031, или јавно или приватно.

Стејт департментот ќе продолжи да ги користи овие овластувања и сите достапни алатки за борба против корупцијата на глобално ниво. Во зависност од конкретните околности, некои идентификувања се прават јавно, додека други се прават приватно, се додава за изјавата на амбасадата за „Фокус“.

Инаку, од Јавното обвинителство за „Фокус“ изјавија дека јавниот обвинител и други обвинители немале средба со тим за санкции од Соединетите Американски Држави.

Од Јавното обвинителство не се побарани податоци за конкретни предмети“, велат од Обвинителството.

Поврзани новости