Власта најавува ветинг во судството, обвинителите и судиите во отворен судир по смс пораката што им ја испрати обвинителката Вилма Русковска на судиите кои ја пуштија поранешната специјална јавна обвинителка, Катица Јанева во куќен притвор. За најавениот ветинг и оваа војна разговаравме со поранешната судијка во Европскиот суд за човекови права, Маргарита Цаца Николовска.
Како ја коментирате најавата на власта за ветинг, односно „прочистување“ на судиите и обвинителите?
Ваквиот предлог, односно најава лично ја прифаќам со раширени раце. И покрај тоа што мислам дека ова требаше многу порано да се направи и да се покаже дека Македонија е спремна да ги расчистува ситуациите со судии и обвинители и другите правосудни органи, адвокати, правобранителство…Идејата од внатре да се расчистуваат состојбите не ја прифатив ни тогаш, а се покажа со време дека таа идеја не може да се реализира. Имаше време, имаше можност, не гледам дека некакво расчистување во таа насока се случи, дали судиите и обвинителите сами да се повлечат, дали да дојде до одредени разрешувања во поширок обем, и покрај тоа што ценам дека се направија големи чекори во правосудството и сега требаше да се жнеат успесите.
Како успешно би се спровел процесот на ветинг во наши услови?
Во експертска јавност се повеќе е присутна идејата дека треба да дојде некој човек од надвор или дека треба да се направи некоја Комисија којашто ќе биде од надворешен член. Јас сум против тоа таа Комисија да биде исклучиво од надворешни членови прво заради тоа што сметам дека во Македонија се уште има кадар којшто тоа може да го изврши, односно да го направи тоа проветрување и преоценување, независно од Судскиот совет. Во Комисјата мора да има луѓе и од внатре кои ги познаваат системот, кои знаат што недостасува и што може согласно националната легислатива да се поправи.
Дали постои опасност да останеме дополнително со кусок на судии и обвинители по евентуален процес на ветинг?
Тоа што е наведено како проблем, односно кусок на судии и обвинители, треба да се гледа на поинаков начин. Прво мислам дека имаме многу поголем број на судии по глава на жител од она што се меѓународните стандарди. Треба да се направи една суштинска анализа каде се се потребни судии и каде се може да се вршат преместувања на судии од еден суд во друг или вршење на работа на судења во повеќе предмети или во повеќе судови во зависност од видот на предметите и во зависност од она што може да се расчисти и да се разреши. Треба секој да одговара за своето однесување од почеток до крај, ако некој погрешил треба да одговара. Ние имаме бегства, ние имаме неразрешени предмети, имаме застареност, треба сите тие работи да се презентираат пред јавноста зошто е тоа така, не јавноста да шпекулира и сама да си вади заклучоци. Треба да се кажува каква е состојбата и да се бара одговорност во секој сегмент.
Како ја коментирате оваа „војна“ што се случува деновиве меѓу судиите и обвинителите по смс пораката на обвинителката Вилма Русковска?
Мислам дека реакцијата е избрзана, повеќе е емотивна отколку суштинска. Она што треба македонската јавност да знае е дека притворот е последна мерка за обезбедување, дека притворот се одредува за одредени ситуации, дека обвинението во истрагата за „Рекет“ е веќе готово и прифатено, доказите се прибрани, така да без да се види решението зошто е укинат притворот не можам да дискутирам. Бегството како една од можностите може да се санира и на друг начин, не се тие можности од таков тип да не можат да бидат следени, да не може да се превенира бегство. Кога ќе види граѓнинот дека се покренува одговорност за бегство нема вака да реагира. Колку конфликтот меѓу судот и обвинителството е присутен не знам, меѓутоа ваквата реакција, и покрај тоа што е лична кореспонденција е несоодветена. И сега доаѓаме до тоа дали пораката требаше да се објави и што се сакаше да се постигне со тоа однесување. Сето тоа се елементи кои што треба да се имаат предвид при оценување на било што.
Дали гледате политика во случајот „Рекет“?
Истрагата е таа, јас не знам колку политиката била инволвирана и колку ќе биде инволвирана. Политика секаде има, не може од тоа да се оттргнеме. Мене ми е поважно дали има независно, непристрасно судство, политичарите и ќе се јават и ќе дејствуваат, но на судијата и обвинителот е обврска да не дозволи влијанија.
Дали Вие во својата кариера сте имале некакви политички влијанија?
Никогаш, никој никогаш не ми се јавил да побара од мене некој предмет да го решам вака или така. Имаше голем број на предмети коишто се однесуваа на камати на однапред уплатени средства за стан. Јас бев меѓу првите судии кои постапуваа по тие предмети и тие предмети беа во корист на купувачите. Тогаш имаше голем реакции од фирмите кои ги градеа становите, но и во јавноста, дури излезе и напси со наслов „Судијката Маргарита Цаца Николовска средствата од државен џеб ги префрла во приватен џеб“. Мене тоа не ме погоди. Јас имав образложение за тие пресуди, тие отидоа пред тогашниот окружен суд, до Врховен суд, па и до сојузниот суд во Белград. Законот кој јас го применив беше правилно применет.
Која е Вашата порака до сегашните судии?
Тие кои смеетаа дека може да бидат предмет на негативна оценка без да сториле кривично дело можат и сами да си поднесат оставка и да го ослободат ова општество од ова бреме. Тие кои сториле кривично дело, нема ослободување, ако се утврди дека нешто направиле таа постапка ќе продолжи да тече.
Фросина Факова-Серафиновиќ