Покрај трикратното зголемување на социјалната помош, втората компонента е зголемување на социјалните услуги на локално ниво и тоа е дел од нашите реформи, нагласи министерката за труд и социјална политика Мила Царовска при денешното отворање на вториот во земјава Дневен центар за лицата со церебрална парализа во Прилеп.
– Вчера најавивме дека три пати се зголемува социјалната помош, но тоа не е доволно да имате функционален систем на социјална заштита. Тоа е втората компонента на социјални услуги на локално ниво и го подобруваат квалитетот на живеењето на граѓаните. Токму затоа, целата реформа ја водиме и со отворање на социјални услуги. Кога беше готов проектот од Прилеп, веднаш обезбедивме повеќе од 2 милиона денари за да може овој Центар да го отвориме и да кажеме дека е еден од посовремените за да се извршуваат сите функции. Лицата што ќе доаѓаат во Центарот не само што ќе се социјализират, туку треба да доаѓаат и другите граѓани, зашто многу е важно да имаме општество кое ќе ги прифаќа лицата со различни попречености и да имаат заеднички активности со детските градински, со старските домови, со пензионерските клубови. Само така може да создадеме општество кое има разбирање и е посветено на инклузија на сите групи граѓани, без разлика дали се со атипичен или типичен развој, изјави Царовска.
Дневниот центар за лицата со церебрална парализа, сместен до средното економско училиште „Кузман Јосифоски Питу е на површина од 220 метри со дворно место, повеќе простории за сите функции и со ангажман на повеќе стручни лица: социолози, дефетолози, физиотерапевт…, вкупно 10 на број. Прилепската локална самоуправа вложи 4 милиони денари на реновирање на просторот, а Министерството за труд и социјална политика уште 2 милиона денари.
– Овој центар нека биде поттик за во иднина за отворање на други социјални сервиси во градот и очекувам ова да се случи и во другите градови низ Македонија. Освен за децата, им направивме услуга и на нивните родители, зашто дел од нив ќе бидат вработени во Дневниот центар. Тоа ќе биде уште една симбиоза за целиот овој проект. Во иднина ќе докажеме дека вакви центри се потребни во Македонија, а ние им стоиме на располагање на сите служби за ваков тип социјални сервиси, рече прилепскиот градоначалник Илија Јованоски.
За невладината „Полио Плус“, која присуствуваше и на дискусијата во средното економско улилиште „К.Ј. Питу“ за потребите на хендикепираните лица најбитно е дека хендикепираните се социјализираат.
– Дневниот центар треба да служи за пример и за другите општини и ќе понуди нова содржина што ќе води кон достоинствен живот за лицата со хендикеп. Со организациите на лицата со хендикеп и со оние од локалната самопуправа дискутиравме за се што ни е потребно за достоинствен живот. Порачавме ваквите центри да не ги прават за нас, туку за нив, зашто така може да имаме достоинствен и правилен живот, вели Елена Кочоска од „Полио Плус“.