Носителката на пратеничката листа на СДСМ во првата изборна единица, Мила Царовска, вечерва на маалската средба во населбата Пролет во Центар изјави дека нивните ветувања секогаш се остваруваат.
-Оваа програма што ја држам ќе ја оствариме 100 проценти, бидејќи ќе се посветиме на домашната економија. Тоа можеме да го направиме, бидејќи за нецел мандат успеавме да реализираме над 70 отсто од претходната програма. Ветивме поголема минимална плата и сега имаме минимална плата поголема за 60 отсто, а просечната плата ја зголемивме за 5.000 денари – рече Царовска.
Таа додаде дека СДСМ е партија којашто води грижа за сите граѓани.
-Не ги заборавивме пензионерите. Откако го стабилизиравме пензискиот систем ги зголемивме пензиите. Во јануари ги зголемивме сите пензии за 722 денари. Во новиот мандат како партија којашто се грижи за најранливите минималната пензија ја зголемуваме на 10.700 денари – најави Царовска.