Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска денеска во Куманово се сретна со стечајните работници. На средбата се дискутираше за решенијата кои ќе бидат опфатени со Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за материјално обезбедување на невработените лица поради приватизација на претпријатијата со доминантна сопственост на државата, познат како Закон за стечајци.
На средбата присуствуваше и Бранимир Јовановиќ од Министерството за финансии, кој ги информираше присутните дека во ребалансот на буџетот се предвидува да почне исплата на средства за оваа категорија на лица во текот на 2017 година.
Министерката Царовска изјави дека заедно со Министерството за финансии ќе направат проценки, ќе се информира Владата и ќе се донесе конечен став за ова прашање.
„Остануваат основните позиции кои беа договорени на претходната средба со нивните претставници: 15 години стаж, 52 години возраст за жени, а 55 за мажи. Единствено се јавува проблем кај опфатот на тие лица, коишто во одреден период од нивниот живот имале работа во приватни компании. Треба да се утврди дали и колкав период од стажот поминат кај приватни фирми би бил вклучен во овој закон“, соопштија од Министерството за труд.