Министерката за образование и наука Мила Царовска смета дека онлајн-наставата е придобивка за образованието во време на пандемија и дека иако било тешко за наставниците, учениците и за родителите и имало сомнежи, таа успешно се спроведува и сите што се вклучени во учењето на далечина се справиле со електронските алатки.
-Онлајн-наставата навистина успешно се спроведува. Пандемијата покажа дека брза промена е можна, дека можеме за еден месец да се спремиме за онлајн-учење, иако сите велеа не, дека имаме наставници кои велеа дека највозрасните нема да се справат, но тие одлично се справија. Ако им дадете на луѓето поддршка, ако им дадете визија, јасна насока, секоја професија ќе си најде начин како да го одржи квалитетот и секој ќе продолжи да ја извршува својата работа, рече Царовска во гостување во Утринската програма на Македонската радио-телевизија.
Царовска е задоволна и од тоа што нема ширење на вирусот во училиштата, посочувајќи дека бројот на заразени во наставата со физичко присуство е низок и нема промена во првично избраниот модел на настава во оваа учебна година.
– Како земја треба да сме горди дека, од една страна, во образовниот систем нема ширење на КОВИД, бројките и во првото и во второто полугодие се екстремно ниски, а, од друга страна, во континуитет го одржавме образованието. Ние немавме затворање во ниту еден момент или ретерирање од првично поставениот модел којшто го започнавме на 1 октомври, рече Царовска.