Образованието треба да создава граѓани што се отпорни на лажни вести. Токму затоа со новата Концепција за основно образование, од наредната учебна година во прво и во четврто одделение започнува да се учи медиумската писменост и критичното размислување. Тие ќе бидат интегрирани во сите предмети, рече министерката за образование и наука Мила Царовска во обраќањето на онлајн конференција на тема „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност“, во организација на Фондацијата „Метаморфозис“ и „Евротинк“. Проектот е финансиски поддржан од Европската Унија, а настанот е кофинансиран и од Фондацијата за слободата „Фридрих Неуман“.
-Не може да се справиме наеднаш со феноменот со кој се бори целиот свет, но сметаме како Влада и како МОН, заедно со нашите партнери, дека ако создадеме генерации коишто имаат повеќе знаења и алатки за справување со лажни вести ќе бидеме поподготвени за битка со лажните вести и за превенција на кризни ситуации креирани со лажни вести, нагласи Царовска.
Со вклучувањето на медиумската писменост во формалното образование учениците уште од најрана возраст ќе учат да пребаруваат, издвојуваат и користат информации од медиумите, но и да ги проверуваат и откриваат лажните вести.
Царовска рече дека освен на нови наставни програми, МОН интензивно работи и на подготовка на наставниците да знаат да го пренесат критичкото размислување кај учениците. Заедно со Светска банка, во наредниот период ќе се работи и на јакнење на наставните студиски програми на педагошките факултети, кои ќе образуваат наставници подготвени за реализирање на новите наставни програми.
Ставовите за тековните состојби поврзани со спротивставување на напливот на дезинформации и медиумски манипулации преку иницијативи за развој на медиумската писменост, критичкото мислење, проверката на факти и промоција на новинарската етика и стандардите за добро владеење, на денешната конференција ги споделија и амбасадорот на Европската Унија во Северна Македонија Дејвид Гир како и повеќе експерти, активисти и новинари.