Ние сме во постојана координација со Комисијата за заразни болести преку Министерството за здравство и токму затоа што се динамични бројките, одлучивме второто полугодие да започне на ист начин како што заврши првото, истакна министерката за образование Мила Царовска на Телма. Според неа, состојбата е стабилна и се следи на дневно ниво.
-Ние добиваме извештај на ниво на општини, односно дека на територија на државата имаме десет нови ученици и пет нови наставници позитивни на коронавирусот, што укажува дека нема тенденција на интензивно заразување во некое училиште и дека бројките се навистина ниски на ниво на образовниот систем и се надеваме дека ќе останат и во наредниот период – посочи Царовска.
Таа додаде дека хибридниот модел на настава досега покажа одлични резултати, обезбедувајќи континуитет на наставата и притоа го заштити здравјето на учениците и наставниците. Во однос на прашањето како ќе се одвива полагањето на матурата, Царовска истакна дека протоколите што ќе бидат спроведени на денот на матурата ќе бидат усогласени со Комисијата за заразни болести и Матурскиот одбор.
-Во моментов тие се подготвуваат за целата таа операција, што секако се одвива на помал број на ученици од оние што треба да го пополнат училиштето од прва до четврта година. Сите простории во училиштата ќе бидат ставени на располагање за матурата и сигурна сум дека заедно со Комисијата ќе утврдат соодветен протокол што нема да го донесе во ризик здравјето на учениците – посочи министерката за образование.