Ниту ќе се градат станови за бегалци и мигранти, ниту има предвидено буџет за тоа. Македонија не е атрактивна земја за бегалците. Опозицијата само шири страв кај граѓаните, вели министерката за труд и социјала Мила Царовска во неделното интервју на Радио Слободна Европа.
– Опозицијата се обиде да направи ширење на страв по однос на оваа стратегија. Стратегијата за интеграција на бегалци и странци 2017-2027 година е продолжение на стратегијата 2009-2015 година, со истиот наслов, која што ја донела ВМРО-ДПМНЕ. Многу е важно да знаеме дека токму ВМРО-ДПМНЕ, коишто ја донеле оваа стратегија, зборува против оваа стратегија, а во оваа стратегија се вклучени најголем број од работите кои биле вклучени во претходната стратегија. Затоа нема никакви потреба од страв. Македонија си е декларирана и продолжува да биде транзит земја, и тоа се гледа по статистики и бројки. Во 2015-2016 година, пред да се затвори рутата, тоа е некаде 9 март 2016 година, во Македонија имало 1.600 мигранти, во моментов во Македонија нема повеќе од 60 во двата транзитни центри и во центарот за азил. Овие бројки многу кажуваат дека Македонија ниту е атрактивна земја, ниту некој има потреба да остане во државата – истакна Царовска.