Комбинираниот модел за онлајн настава и настава со физичко присуство е флексибилен и ќе се менува во зависност од состојбата со ковид-19, вели во интервју за „Факултети.мк“, новата министерка за образование, Мила Царовска.
-Тој може и ќе се менува во зависност од епидемиолошката состојба, препораките на надлежните институции, но особено важно, и од контролата и квалитетот на образовниот процес. Сосема ми е јасно дека не постои идеален модел по желба на сите, ниту пак едно унифицирано решение. Токму затоа, во сите држави во регионот и во Европа решенијата се национални, а не универзални. Во многу поразвиени држави, ги следиме предностите, проблемите и корекциите. За да креираме и спроведуваме најдобро можно решение и модел. Јас немам законски ингеренции во релација со јавното здравје, но имам и целосно ги разбирам и ги прифаќам моите обврски за системот и квалитетот на образовниот систем, вели таа.
Царовска вели дека МОН работи на обуки, техники, обезбедување опрема и контрола на образовниот процес.
-Планот за започнување на учебната година предвидува практичниот дел од наставата во средните стручни училишта да се изведува со физичко присуство. Годинава, за разлика од лани, сите ученици што ќе следат онлајн-настава ќе се оценуваат, односно знаењето ќе им се проверува со физичко присуство во училиштата, за што ќе се изработат посебни протоколи. Тоа е значајно за сите, без исклучок. Во објективноста и одговорноста во образованието не смее да има исклучок и времен компромис, вели Царовска.
Како министерка ветува крупни реформи во образовниот сектор, а фокусот, меѓудругото, вели ќе биде кон зајакнување на стручните училишта.
-Знаете, да бидам повеќе од конкретна, грешка во инфраструктура се исправа со неколку зафати и тоа може да трае неколку дена. Но грешките, како во минатото, во образованието траат со години, децении. Зафатот и да е можен, веќе има неповратни последици. И тоа за мене е политички, но многу повеќе личен, емоционален, колективен предизвик. Тоа што ќе успееме да го направиме во образованието е историски предизвик и одговорност. Многу работи се направени претходно, и јас сум благодарна, но уште повеќе работи мораме да направиме итно, сега, нужно, за понатаму да се продолжат, вели Царовска.