Министерството за образование и наука посветено работи на создавање на поквалитетно и достапно образование за секое дете, истакнува министерката Мила Царовска во видео обраќање со кое го честиташе Меѓународниот ден на детето – 20 ноември.
– Денеска кога го одбележуваме Меѓународниот ден на детето сакам да напоменам дека имаме една и единствена цел – да обезбедиме образование кое ќе овозможи на нашите деца, ученици и ученички да пораснат во граѓани и граѓанки кои научиле да ги употребуваат знаењата за личен и општествен развој. Во таа насока се и реформите кои подразбираат подобрување на условите за настава во училиштата, но и нови наставни програми, засновани на развој на критичко размислување и на вредности, како што почитување на човековите права, толеранција, мултикултурализам и еднаквост, рече Царовска.
Министерката вели дека пандемијата ни наметна многу предизвици, но МОН презема конкретни чекори со кои ќе се спречи застој и уназадување на образовниот систем, но и ќе се заштити менталното здравје на учениците.
– Свесна сум дека сите минуваме низ исклучително тежок период во пандемија, поради што МОН посветено работи на зајакнување на стручните служби во училиштата да одговорат на вашите барања за заштита на менталното здравје. Вложуваме максимални напори за континуитет училиштата да останат безбедни и отворени, рече Царовска
Истакна дека е среќна што започна имплементација на реформските процеси во основното образование и со тоа се забрза модернизацијата на образовниот систем.
– Го слушаме гласот на децата и се трудиме да изградиме инклузивно и квалитетно образование. Вложуваме во младите, вложуваме во наука и создаваме цврста основа на општество кое се грижи за сите и општество на економски раст и развој. Честит да е 20 ноември – Меѓународниот ден на детето. Останете здрави и безбедни во училиштата и не се откажувајте од вашите соништа!”, вели Царовска во честитката по повод Меѓународниот ден на детето – 20 ноември