До Владата предложивме три сценарија уште во јуни месец за школската година и за истите сценарија беа известени и родителите и училиштата, рече министерката за образование Мила Царовска.
-Свое мислење даде и Главниот координативен штаб. Исто така, препораките на УНИЦЕФ и на ОЕЦД се дека училиштата треба први да се отворат и последни да се затворат. Бидејќи најважниот интерес на детето е правото на учење. Минатата година покажавме дека со 40 отсто присутност на учениците во училиштата, училиштата не се трансмитери на вирусот – рече Царовска на Канал 5.
Таа истакна дека како држава минатата година осум месеци се следеле училиштата кои, според неа, многу одговорно постапувале кон протоколите.
-Доказ за тоа дека настава со физичко присуство може да се одвива под протоколи е минатата година, заради тоа речиси се идентични протоколите. Има некои мали измени за спроведување на настава со физичко присуство, а минатата година немаше ниту еден случај на интерно ширење на болеста. Тоа го потврди и Комисијата за заразни болести и Министерството за здравство – рече Царовска.