Дигиталните учебници ќе се воведуваат сукцесивно, наредната учебна година само во четврто одделение, сите останати одделенија продолжуваат како досега. Законот за учебници нуди комбиниран модел на употреба, и на печатени и на дигитални учебници. Првпат ќе се види што значат тие за олеснување на работата и на наставниците, и на учениците, изјави денеска министерката за образование и наука Мила Царовска.
– Моделот што го нудиме е комбиниран, секој ќе може да избере на кој начин ќе учи. Ќе се види бенефитот на дигиталниот учебник, тоа не е учебникот што до вчера го имавме со милијарда факти внатре и само напишан и ставен во ПДФ. Концептот на учење е таму да има примери, насочувања кон истражувања. Секој родител кој смета дека нема да може неговото дете да учи електронски ќе може да си го испечати учебникот и нема да има проблем училиштето – таму каде што има недостиг на финансии во семејството, а таму ќе треба да се обезбедат и електронски уреди од страна на училиштето, рече Царовска.