Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска смета дека земјава со донесувањето на новите законски решенија за социјална и детска заштита и нивна имплементација изградила систем што ќе биде голема поддршка за најранливите категории граѓани и оти со него се поставени нови стандарди во нивната заштита.
Таа во интервју за емисијата „Вин-вин“ на телевизија Телма вели дека со воспоставувањето на ваквиот систем на заштита се исклучени сите можности за злоупотреби. Овој систем, сметаа таа, треба да продолжи да го гради и новиот министер кој ќе биде поставен пред изборите во т.н. преодна влада од 100 дена пред изборите, а на предлог на опозицијата.
-Веројатно злоупотреби се случувале во периодот додека владееле ВМРО-ДПМНЕ, затоа што многу често и граѓаните сами кажуваат дека „тие ми го дадоа тоа право“, а јас на тоа велам дека ниту ниту еден политичар не ви дава ниту едно право. Кога тоа право ќе го помине Собранието тоа станува законски гарантирано вашо право, а наша обврска да го испорачаме до вас. Затоа злоупотребите сега се исклучени и не постојат во системот на социјална заштита. Јас сум сигурна дека и следниот министер ќе мора да го задржи тоа однесување на центрите за социјална работа за да не се злоупотребуваат најранливите. Тоа е и наша одговорност, но и на тие кои ќе дојдат после 3 јануари во МТСП, рече Царовска, во одговор на прашање дали ќе по смената планира да остане како дополнителен заменик министер.
Таа додаде дека за тоа се уште е е разговарано во партијата.
-Тоа мислам е техничко прашање и за него се уште не е дискутирано во партијата. Сметам дека ќе се грижат од која и да е позиција она што е постигнато и направено во Министерството да се зачува и задржи. Важно е дека администрацијата учествуваше во сите процеси и самата администрација верува во новиот стандард што го поставивме во систем на социјална заштита и ќе се грижи да го заштити понатаму да остане во таква функција, рече Царовска.