Царовска: Да се трудиме да бидеме подобри родители

by Fokus

Секое искуство на детето влијае на начинот на кое тоа размислува, се чуствува, однесува и учи понатаму во животот. Она што го зборуваме дома, начинот на кој ги воспитуваме нашите деца се одразува на нивното однесување надвор од домот и директно влијае на создавањето на позитивно општество. Секој од нас треба да е свесен дека иако љубовта ни доаѓа придодно, родителството навистина се учи. Да се трудиме да бидеме подобри родители, за нашите деца и за посветла иднина. Ова денеска го истакна министерката за труд и социјална политика Мила Царовска на петтиот настан „Разговори за родителството“.

Како што информира Министерството за труд и социјална политика, целта е да се разбуди свеста за развивање и надградување на родителските вештини koи се дел од кампањата „И родителството се учи“ на УНИЦЕФ, ЕУ и Министерството за труд и социјална политика.

Во над 15 градинки низ Македонија, како што се наведува, се воспоставуваат советувалишта за родители чија цел е да работат токму на развој на успешното родителство.

МТСП соопшти дека работи на зголемување на бројот на овие советувалишта, но и на зголемување на капацитетите на градинките и на јакнење на компетенциите на кадарот со што го зголемува опфатот на деца во предучилишно образование.

– Кампањата почна со разговори низ целата земја за научните факти во врска со развојот на човечкиот мозок, емотивното приврзување, развојот на карактерот, различните родителски стилови и влијанието на негативните искуства од детството и стресот врз развојот на децата.  Кампањата ја нагласи потребата од програми и советувалишта за поддршка на родителите. Кога општеството им помага на родителите да подигаат деца кои имаат здрава приврзаност, кои се стiмулирани, кои веруваат во себе, упорни се, имаат емпатија, знаат како да се справат со разочарување и можат да учат и да откриваат нови работи – тогаш создаваме животен циклус на лично човечко поврзување и развој и посилно, просперитетно и безбедно општество, изјави претставник на УНИЦЕФ Бенџамин Перкс.

„Разговори за родителство“ досега се одржаа во Куманово, Гостивар, Струмица и Битола. Присутните имаа можност да научат повеќе за развојот на детскиот мозок, емотивното приврзување, градењето на карактерот, родителските стилови и ефектите од негативните искуства врз детскиот развој.

 

Поврзани новости