Царинската управа ги демантира наводите во партиското соопштение од ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму велат дека при заедничка контрола од страна на Царинската управа и Министерство за внатрешни работи, извршена на товарно моторно возило – комбе, а поради сомневање на МВР дека во комбето се превезува дрога, екипи на СВР Скопје, заедно со мобилен тим на Царинската управа и царинско куче, утврдиле дека во возилото нема наркотични средства.
„При дополнителна контрола од царинските инспектори констатирани се неправилности во однос на пријавената стока по увозната декларација и фактичката состојба на стоката во возилото. Поради констатираните неправилности возилото е пломбирано и стоката е привремено задржана од страна на Царинската управа“ појаснуваат од Царинската управа.
По спроведената контрола, Царинската управа во соработка со надлежен јавен обвинител, ќе поднесе соодветна кривична пријава.
Дополнително, Секторот за професионална одговорност при Царинската управа започна постапка со цел да се утврди евентуална одговорност или одредени пропусти на царинските службеници кои ја царинеле стоката.
„Апелираме, политичките партии да се воздржат од ширење на непроверени податоци и информации, кои единствено можат да наштетат на истрагата. Кога зборуваме за НУЛА толеранција против криминалот и корупцијата, не зборуваме само за декларативни заложби, туку зборуваме за конкретни и веќе преземени чекори кои даваат видливи резултати. Само минатата година, имаме 30% зголемен број на заплени и 60% зголемен број на поднесени кривични пријави“ порачаа од Царината.