Царинска управа: Поднесени кривични за уште осум лица за кривичните дела со употребувани возила

by Fokus

Уште осум лица, од кои тројца цариници се осомничени за вршење кривични дела со употребувани возила. До Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција веќе се поднесени кривичните пријави. Вкупно досега се опфатени 32 лица, од кои 11 се цариници. Истите се сомничат за царинска измама, прикривање стока од сторено кривично дело царинска измама, фалсификување и злоупотреба на службена должност и овластување. За осум царински службеници веќе има решенија за отказ. Ова го истакна директорот на царинска управа, Бобан Николовски во емисија „Дејли клик“ на ТВ 21.

„Не амнестираме никој, разгледуваме што се случувало, но одиме напред и спроведуваме реформи со цел остварување подобри резултати. Буџетот беше празен и ние моравме да дадеме брзи резултати. Одиме добро и во континуитет остваруваме добри резултати“, потенцира директорот.

Во јули остварена е историски највисока наплата на приходи во еден месец. Во втората половина од 2024 година наплатени се 65,2 милијарди денари или 4 милијарди денари повеќе во однос на истиот период во 2023 година.

Како резултат на зајакнати контроли во втората половина од 2024 година бројот на откриени неправилности е зголемен за 87,3 проценти, а во стоковиот за 20,3 проценти. Во 2024 година има 410 случаи на заплени од кои 305 само во втората половина. Како за пример, директорот особено ги истакна и одличните резултати на Одделението за оперативни работи со компарација на годишно ниво. Ако во 2021 година мобилните тимови оствариле 52 заплени, во 2022 година 86, во 2023 година 110, во 2024 година остварени се 193 заплени, што најмногу се должи на зајакнатите контроли во втората половина од годината.

Поврзани новости