Во текот на минатата недела, царинските службеници открија повеќе обиди за криумчарење, при што привремено се задржани рачни часовници, мобилни телефони, девизи, лекови, козметички производи, цигари и друго.
Рачни часовници Ролекс и мобилни телефони I phone 16
– 5 мобилни телефони I phone 16, откриени на Меѓународниот аеродром Скопје, при контрола на патните торби на македонски државјанин кој допатувал со лет од Истанбул. На прашање на царинските службеници дали има нешто за пријавување за царинска контрола, патникот, кој се пријавил за влез во државата на ВИП-терминалот, одговорил дека носи само слатки за децата. Сепак била извршена контрола на неговите патни куфери при што биле пронајдени мобилните телефони.
Непријавените телефони се привремено задржани а против патникот ќе биде поведена прекршочна постапка.
– 4 рачни часовници марка ROLEX, откриени на Меѓународниот аеродром Скопје, при контрола на патните торби на македонска државјанка која имала намера да отпатува со лет за Милано. Откако била извршена контрола на багажот, во внатрешноста на ранецот на патничката биле пронајдени часовниците. Непријавените часовници се привремено задржани а против патничката ќе биде поведена соодветна постапка.
Девизи
– 16.250 евра, откриени во три одвоени случаи од страна на мобилните царински тимови, кај тројца македонски државјани пријавени за излез од државата на граничниот премин Табановце автопат.
Во првиот случај, во паричник на патник во автобус со македонски регистарски таблички, биле пронајдени 8.300 евра за кои не поседувал документ за потекло. Согласно законските прописи на патникот му биле вратени 2.000 евра, износ што резидент може слободно да го изнесе од државата, а 6.300 евра биле привремено задржани.
Во вториот случај, во џеб од панталоните на возачот на автомобил со македонски регистарски таблички, биле пронајдени 7.850 евра за кои не поседувал документ за потекло. Согласно законските прописи, на патникот му биле вратени 2.000 евра, а 5.850 евра биле привремено задржани.
Во третиот случај, во преден џеб од фармерките на возачот на автомобил со македонски регистарски таблички како и во преградата пред совозачкото седиште, биле пронајдени вкупно 6.100 евра за кои не поседувал документ за потекло. Согласно законските прописи на возачот му биле вратени 2.000 евра, а 4.100 евра биле привремено задржани.
Во сите три случаи против патниците ќе бидат поведени прекршочни пријави.
Лекови
– 20.184 таблети (XARELTO, JARDIANCE, NEXIUM, LAROXYL, DAROB, BEKONIS, PLAGUENIL, GLAVUS MET), 2.880 капсули (МUSCOFLEX, QALYUIZ, URSACTIVE), 159 инекции (LANTUS SOLO STAR, RIF), 35 пакувања креми (FUCIDIN 2%, DERMOVATE 0.05%, FOSTER, METRIN 5%), 12 туби гел (VOLTAREN EMUL GEL %1, FENISTIL), 37 спрејови (MOMETIX AQ 0.05%, VENTOLIN), 36 ампули NOOTROPIL, 28 пакувања сирупи (CONVULEX, TEGRETOL, VENTOLIN, NOOTROPIL, ZIMAKS, AERIUS) и 14 лосиони MOMECON 0.15%, откриени при контрола на автобус со турски регистарски таблички, кој сообраќал на релација Истанбул – Призрен, пријавен за влез во државата на граничниот премин Деве Баир. При контрола на автобусот, во фабрична празнина под резервоарот, биле пронајдени непријавените лекови. Истите се привремено задржани, а против водичот, косовски државјанин кој се пријавил како сопственик на лековите, ќе биде поведена соодветна постапка.
Уметнички слики
– 16 уметнички слики масло на платно, без потпис од авторот и без рамка, откриени при контрола на автомобил со македонски регистарски таблички, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Деве Баир. На прашање на царинските службеници дали има да пријави нешто за царина, возачот одговорил негативно. Сепак бил извршен преглед на возилото, при што во багажниот простор биле пронајдени сликите завиткани во картонска ролна. Непријавените слики се привремено задржани а против возачот ќе биде поднесено барање за поведување прекршочна постапка.
Разна стока
– 480 парчиња мамки за риболов и 980 држачи за трски за риболов, откриени од страна на Службата со мобилен скенер, при контрола на товарно возило со македонски регистарски таблички, пријавено за влез во државата на граничниот премин Табановце автопат. Непријавените производи биле пронајдени во кутии сместени на креветот во кабината на возилото. Истите се привремено задржани а против возачот, македонски државјнин, ќе биде поведена прекршочна постапка.
– 3 употребувани технички производи, 1 употребуван моторцикл и 1 нов пневматик, откриени од страна на Службата за мобилни скенери при контрола на товарно возило за транспорт на возила со словенечки регистарски таблички, пријавено за влез во државата на граничниот премин Табановце автопат. При контрола, во внатрешноста на едно од натоварените возила биле пронајдени 1 употребуван компресор за перење возила, 2 употребувани автоматски правосмукалки и 1 употрбуван миникрос моторцикл и 1 нов пневматик за моторцикл. Непријавените производи се привремено задржани а против возачот ќе биде поведена прекршочна постапка.
– 278 порцелански плочки за гравирање со разни димензии, откриени од страна на Службата за мобилни скенери при контрола на товарно возило со српски регистарски таблички управувано од српски државјанин, пријавено за влез во државата на граничниот премин Табановце автопат. При контрола на возилото, помеѓу седиштата биле пронајдени три пакети со порцелански плочки. Непријавените производи се привремено задржани а против возачот е поведена прекршочна постапка.
Облека, обувки и козметички производи
– 203 парчиња облека (маици, хеланки, тренерки, блузи, кошули, елеци, чорапи и друго), 21 пара спортски обувки и 16 ранци, откриени при контрола на товарно возило со бугарски регистарски таблички управувано од македонски државјанин, пријавено за влез во државата на граничниот премин Табановце автопат. Непријавените производи, пронајдени над горниот кревет во кабината на камионот, се привремено задржани а против возачот ќе биде поведена соодветна пријава.
– 1.941 парчиња козметички производи, откриени од страна на Службата за мобилни скенери при контрола на товарно возило со македонски регистарски таблички, управувано од македонски државјанин, пријавено за влез во државата на граничниот премин Табановце автопат. При контрола на возилото во 11 пакети сместени на креветот и позади совозачкото седиште, биле пронајдени 1.851 креми за лице против флеки и пеги, 30 креми за лице ANTIAGE и 30 руменила за усни DON JUAN. Непријавените производи се привремено задржани, а против возачот ќе биде поведена прекршочна постапка.
Цигари
– 12 штеки цигари без акцизни маркички, откриени при контрола на товарно возило со македонски регистарски таблички, пријавено за влез во државата на граничниот премин Богородица. Возилото било натоварено со хартија наменета за увозник од Радовиш. При контрола на товарот, покрај пријавената стока биле пронајдени и 6 штеки цигари MARLBORO и 6 штеки цигари LEDER, за кои возачот, македонски државјанин, изјавил дека ги набавил во фри-шоп. Непријавените цигари се привремено задржани а против возачот ќе биде поведена прекршочна постапка.