Царинската управа се оградува од аферата со отпадното масло и одговорноста ја префрла кон Министерството за економија- Државниот пазарен инспекторат и Државниот инспекторат за животна средина.
Во соопштение до јавноста од Царината објаснуваат дека мазутот што има над 1 процент сулфур не дозволуваат да влезе во земјава, па Царината преку нивната лабораторија врши задолжителна контрола единствено на содржината на сулфурот. -Доколку мазутот содржи поголема количина на сулфур од дозволеното, тој физички не смее да влезе во државата. Оваа одредба е содржана во Одлуката за распоредување на стоките на форми на увоз и извоз, каде е предвиден режимот на забрана, соопштуваат од таму.
Тоа значи дека Царината го контролирала само сулфурот во мазутот, а другите квалитети на мазутот и на другите стоки што се увезуваат, според нив, требало да ги контролираат другите институции.
-Во однос на останатите мерки на трговска политика што се применуваат при пуштање на стоката во слободен промет (тнр. увоз), за мазутот се предвидени одредени карактеристики за квалитет што се предвидени во Правилникот за квалитет на нафтени деривати. Како и кај сите останати видови на стоки за кои се предвидени различни стандарди за квалитет, за квалитетот на мазутот, надлежни институции за спроведување на контролата се Министерството за економија- Државниот пазарен инспекторат и Државниот инспекторат за животна средина, велат од таму.
Според нив, овие стандарди за квалитет се однесуваат на пуштање на стоката во слободен промет на внатрешниот пазар, и од логична причина што на пазарот во Македонија се појавуваат и нафтени деривати што се произведени од домашни производители.
По документарецот на Истражувачката репортерска лабораторија „Заговор против воздухот“ во којшто беше откриено дека отпадно масло се увезувало како мазут и се горело во болници и државни институции, но и приватни компании, наредната недела истекува рокот за истрагата што ја нареди која треба да покаже дали имало манипулации со квалитетот на увезениот мазут.
Владата ја задолжи Царинската управа да спроведе внатрешна контрола за конкретниот случај, да се испита колкави количини од наведените нафтени деривати се увезени од 2018 до 2020 година и под која царинска шифра е извршен увозот, како и тоа дали податоците во декларациите соодветствуваат со дериватот што е увезен.
Државниот пазарен инспекторат, со Бирото за стандардизација и метрологија и со помош на акредитираната мобилна лабораторија да спроведе вонреден инспекциски надзор во компаниите што увезуваат, како и во институциите што користат вакви горива.
Државниот инспекторат за животна средина е задолжен да спроведе вонреден инспекциски надзор во компаниите увозници и корисници на мазут и на други нафтени деривати.
Министерството за економија е задолжено да побара што точно се испитува при увоз согласно Правилникот за квалитет на течни горива и дали одредбите од Правилникот се применуваат согласно европските стандарди.
Министерот за економија, Бектеши во последното интервју за ИРЛ индиректно вината ја префрла и на Царинската управа, бидејќи спорниот мазут можеле да го тестираат во приватни акредитирани лаборатории.
-Член 78 (од закон за царина) ако не грешам, има можност во делот на истрагите да мери квалитет на течните горива што влегуваат во акредитирана лабораторија кај нас. Во делот на мазутот има две што може да мерат. Една е лабораторијата на ОКТА, друга е лабораторијата на МАКПЕТРОЛ, рече Бектеши.
Тој најави дека е при крај подготовката на новиот Правилник за квалитетот на течните горива, иако тврди дека и сегашниот Правилник во делот на мазутот бил целосно усогласен со соодветната директива на ЕУ, и дека од страна на Пазарниот инспекторат при контролите не бил мерен само сулфур, туку и други карактеристики.
Станува збор за национален стандард МКС Б.Х2.430 за физичко – хемиски карактеристики на течни горива – масла за горење, кој е изготвен од Институтот за стандардизација. Согласно овој стандард, при анализирање мазут, се испитуваат следните 10 параметри: густина на 15°С, точка на палење, кинематска вискозност, точка на течење, содржина на сулфур, содржина на вода и механички примеси, содржина на кокс, содржина на пепел, содржина на вода со дестилација и топлинска моќ. Седум од овие параметри се со дефинирани гранични вредности во стандардот за мазут, односно има вредност која при испитувањето не смее да се надмине. Доколку се надмине таа вредност (процент, количество, температура или слично) тогаш испитуваниот мазут не ги исполнува критериумите за да биде пуштен во употреба и да се користи.
Премиерот Зоран Заев денеска на пратенички прашања соопшти дека се изготвуваат решенија за забрана на вршење на дејност на две или три компании во кои не е најдено вишок на сулфур, но е најдено вишок на вода заради кондензација и пепел што е надвор од стандардите.
Ф.Ф.С.