Сефер Цаноски вечерва објави реакција за судењето за случајот ТНТ. Вели дека очекувањата биле мали и затоа можеби и разочарувањето не е толку големо.
-Извршителите динамитџии, со денешната одлука на судските власти, со манипулација и адвокатски финти, успеаа да си купат ” убаво време”. И нека си го трошат со здравје. Тоа нема да го смени фактот дека не се криви и грешни. Тоа не мора да значи дека ќе се спасат од одговорност. Можеби ќе треба да почекаме но верувам дека дури и на нарачателот, бегалецот Будимпештанец, ќе му дојде еден ден крајот.
Овој процес го водеше Специјалното Јавно Обвинителство кое во меѓувреме се растури и реорганизира во Јавното Обвинителство.
И едните и другите имаа силни аргументи и факти во корист на овој предмет и доколку сакаа ќе можеа во рекордно време да го решат. Но жалната слика во судството и потребата за целосна реанимација ја видовме повторно уште еднаш.
Иако очекувањата беа реално мали тоа не важи во однос на нашите очекувања за интернационалниот суд за човекови права во СТРАЗБУР. Тука очекуваме да се добие вистинска правда и пресуда за овој наш случај. До тогаш господ нека даде трпение и сила.
Жал ми е за се низ што помина но истовремено сум многу горд на мојот татко Фијат Цаноски, кој ги издржа машки рушењата, последиците, разговорите во кои мораше да ги слуша како истиве се изживуваа врз него. Па дури и овој циркус на СЈО и се што се случува околу судството.
Ретки се луѓето кои после вакви околности стануваат и повторно својот труд и капитал да го вложи и инвестира во ова наше несозреано општество.
Со секој нов ден сум горд што имам таков татко, лидериште кој покажува како треба вистински да се сака својата земја, напиша Цаноски.