На покана на претседателот на европските либералдемократи Емил Киријас и на потпретседателот Илхан Ќучук, кој воедно е известувач во Европскиот парламент за Македонија, македонскиот бизнисмен Сефер Цаноски ја посети Бугарија во пресрет на денешните двојни избори кај нашиот источен сосед.
-Да се запознаеме подобро, да бидеме пријатели, да градиме и да се зближуваме, наместо да живееме со стереотипи едни за другите – порача Цаноски во Бугарија.
За време на дводневната посета, Цаноски беше дел и од предизборен настан на Движењето за права и слободи, кое на претседателските избори настапува со кандидатите за претседател и потпретседател – Мустафа Карадај и Искра Михајлова.
-Јас не сум политичар, се занимавам со образование. Сакам да помагам младите генерации да се образуваат, зашто само преку образование ќе ги отвориме границите, ќе стигнеме до вистинските и реални вредности и ќе ги достигнеме барем минимум европските стандарди – рече Цаноски на митингот на ДПС.
Исто така, Цаноски вели дека посетил неколку делови на Западна Бугарија кои, како што посочува, важат за мултикултурни средини, со оглед дека таму живејат Бугари, Турци и Помаци – Бугари Муслимани.
-Искрено сум многу позитивно изненаден од тоа како овие општини, градови и рурални средини се развиени, средени и навистина изгледаат европски. Вреди да се биде во ЕУ и да се развиваат општините со европските фондови – вели Цаноски.
Притоа, тој се сретна со градоначалникот на општина Белица, Радослав Ревански, од кого доби традиционални подароци специфични за овој крај кој важи за „рај за мечките“, но и за „културен мост низ вековите“.
-Треба да се отвориме, да соработуваме меѓу себе, да се модернизираме – ни изјави Цаноски, споделувајќи ги впечатоците од посетата на Бугарија, каде, како што вели, зборувал на чист македонски јазик што го разбирале сите.