Цаноски на судењето за „ТНТ“: Признај Миле кој те натера да го срушите Космос!

by fokus

На  денешното рочиште за случајот „ТНТ“, односно за рушењето на објектот „Космос“ на бизнисменот Фијат Цаноски, сведочеше неговиот син Сефер Цаноски. Пред да започне судењето тој му се обрати на обвинетиот екс министер Миле Јанакиески и бараше од него да признае кој го натерал да го срушат објектот, за да конечно запре десетгодишната голгота.

-Миле, признај кој те натера да го срушите Космос, признај и веќе еднаш да заврши оваа голгота, му се обрати Цаноски на Јанакиески.

Јанакиески пак му врати дека тој нема никаква вина и дека кога објектот се рушел тој не бил тука, туку на одмор. На ова доби реплика од Цановски дека и тогаш но и сега се уште се слепи послушници на Никола Груевски.

Цановски пред судот сведочеше дека мотивите за рушењето на објектот биле политички, а за „Фокус“ појаснува дека редно време е веќе овој случај да финишира.

-Помина речиси една деценија од рушењето на Космос. Лани ова време, во судница, Jанакиески призна дека објектот незаконски е срушен. На прашањето на еден од адвокатите тој рече: „Ако ме прашате мене Космос незаконски е срушен“. Адвокатот тогаш го праша дали добро го разбрал прашањето, а Јанакиески го повтори истиот одговор. На следното рочиште обвинетиот екс градоначалник Тони Трајковски го претепаа или самиот се претепа, па се смени поротничка и случајот почна од почеток, вели Цаноски.

Тој додава дека адвокатите денеска го прашале дали чуствува гнев или омраза.

-Кај нас нема ниту гнев, ниту омраза, бидејќи човек со гнев и омраза не може да живее 10 години. Тука има фактичка состојба која е кристално јасна, вели Цановски.

Судењето за „ТНТ“ почна на 24 јануари 2018 година. Во случајот обвинети се екс премиерот Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, екс градоначалникот на Општина Гази Баба Тони Јакимовски и уште четворица вработени во општината. Во 2011 година, на Цаноски му беше срушен комплексот „Космос“, откако ја напушти коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ и отиде во опозиција.

В.В.

Поврзани новости