Трујачот од Неготино, кој има редовна пракса на секои неколку месеци да ,,удри” по бездомните кучиња и мачки, минатата недела удри и по домашните миленици, чувани во двор.
Фотографии и видео снимки од отруени животни по улиците во градот повторно се објавуваат на социјалните мрежи, со апели да се припазат милениците. За тоа дека не се безбедни не само уличните животни, туку и оние кои имаат сопственик, сведочат граѓани чии миленичиња биле отруени.
-Во двор ми фрлиле отров. Кучето кое го чувавме со години, кое го шетавме секогаш со ланец и кое беше член на нашето семејство, кое никому никогаш не наштети, си го најдовме отруено – раскажува неготинчанец, потресен од настанот кој се случил минатата недела.
Фотографија од куче пак, кое лежи во вир од крв, беше објавена на страницата на продавница за миленици од градот, со појаснување дека угинало од труење, како и со локација на која се наоѓа.
И пред неколку месеци градот беше буквално преполн со отруени кучиња, чии трупови лежеа на улиците во центарот, односно околу зградите кај градската библиотека и Основниот суд. Тогаш, полициски службеници кои беа алармирани за случајот, ни кажаа дека се работи на откривање на сторителот, но сепак, праксата да се трујат невини животни во Неготино продолжува.
-Десетици домашни мачки се отруени во населбата Саат Кула, отровот е ставен во парчиња салама – сведочеше загрижена жена пред неколку месеци, појаснувајќи дека едно од нејзините мачиња донело парче од отровната салама дома. Јавно прашуваше на социјалните мрежи, дали трујачот размислува што ќе се случело доколку дома, мало дете дојде во допир со отровната храна, која е расфрлана насекаде.
Кој и зошто ги труе милениците во градот, оставајќи ги да умираат во невидена агонија, не се открива со години наназад, но ,,кланицата” се повторува на секои неколку месеци. Каков е профилот на оние луѓе кои мачат и убиваат животни, е честа тема на обработка во психологијата и психијатријата.
Злоставувањето на животни е значаен индикатор за психијатриски болести и пореметувања, деликвентно однесување, па и семејно насилство. Според студија на ФБИ, во историјата на сериските убијци, редовно постоеле податоци за злоставување на животни. Оние луѓе кои измачуваат и убиваат животни се склони кон насилство и врз луѓето, наведено е во студијата.
Загрижените граѓани апелираат да се воведе строга контрола при продажбата на земјоделски препарати, кои најчесто се користат во труењето на животните и имаат разорна моќ. Велат дека лесно може да му се влезе во траг на трујачот, бидејќи во градот има неколку земјоделски аптеки од каде може да се купи отров. Досега, барем во Неготино, ниту еден трујач не бил откриен и осуден за делото.
Вики Клинчарова