Десетици животни умреа во тешка агонија завчера попладне во индустриската зона во Неготино, на улица Индустриска, како последица од тежок отров, кој трујачот го оставил во ќеса до контејнер. Отруени се повеќе кучиња, мачки, но и гулаби кои јаделе од храната со отров, најверојатно, метомил, познат помеѓу народот како ланате.
За ,,кланицата” која се случила во индустриската зона, каде се лоцирани голем број на деловни објекти, односно работилници, чии сопственици имаат кучиња – чувари, вознемирени не известија сопственици чии миленици биле отруени. Појаснуваат дека трујачот оперира еднаш до два пати годишно, и ова не е прв пат да им ги убие животните кои ги чувале.
-Секоја година земам ново куче! Потребно ми е како чувар, бидејќи ова е индустриски дел на градот, и откако ќе го изгледам и пораснам, трујачот стапува на дело! Не пријавував во полиција, оти не знам дека било кога, било кој трујач во земјава бил откриен и изведен пред суд, но последниот настан ја прелеа чашата- вели сопственик на деловен простор од улицата Индустриска чие куче завчера било едно од отруените.
Покрај кучињата чувари, биле отруени и речиси сите мачки кои луѓето таму ги хранеле и чувале, а покрај контејнерот вчера наутро луѓето затекнале и голем број на отруени гулаби. На безбедносните камери на објект било снимено лицето кое го остава ќесето со отровна храна, веднаш до контејнерот, а потоа и кучињата кои доаѓаат до него од околните објекти и јадат. По околу 15 минути, тие со симптоми на тешко труење, во агонија започнале да умираат во огромни маки на околу 30 до 50 метри од контејнерот.
Луѓе кои тогаш се наоѓале во близина притрчале да им помогнат, но поради јачината на отровот, кучињата починале. Во тек на вчерашниот ден повикана е полиција, предадени се снимките, а едно од отруените кучиња е земено за обдукција.
-Расфрлањето на отров на јавни површини е кривично дело. Станува збор за кривично дело предизвикување на општа опасност од член 288, но и кривично дело мачење на животни од член 233. За кривичното дело предизвикување на општа опасност, каде законодавецот ја штити сигурноста и безбедноста на имотот и луѓето, полицијата и јавното обвинителство се должни да постапуваат по службена должност. За предизвикување на општа опасност е предвидена затворска казна од шест месеци до пет години, а пак за мачење на животни и суров третман, предвидена е парична казна или затвор до шест месеци, појаснуваат правници за ,,Фокус”.
Според симптомите на отруените животни на кои сведочат очевидците, најверојатно се работи за отровната супстанца ланате. По околу 10 до 15 минути од консумирањето на затруената храна, се појавуваат симптомите, а животните умираат во големи маки. Инаку, ланате не може да се пронајде во земјоделски аптеки по регуларен пат. Отровот се чува во магацини и може да се набави од ограничен број на фирми. Затоа во случајов се очекува Инспекторатот за земјоделство да утврди дали овој отров го има во малопродажба. Јавноста се сеќава и на случај од пред повеќе години, кога во Скопје во тешка агонија почина дете питач, од храна помешана со ланате и оставена во ќеса покрај контејнер.
Токму поради општата опасност која ја предизвикуваат трујачите, реагираат голем број на граѓани и апелираат до МВР на преземање на соодветни дејствија и откривање на сторителот.
-Ова е прв пат да имаме снимки од човекот кој го остава ќесето со отров. Токму поради тоа уште погласни се нашите апели сторителот да биде изведен пред лицето на правдата, да не се заташка случајот! Познато е дека тоа е пракса на трујачите, да го остават ќесето со отровна храна покрај контејнер, а не внатре, оти така и кучињата ќе имаат пристап до него. Има ли потреба да кажуваме дека отровот е огромна опасност и за луѓето? На тревници останува и до две недели, понатаму ги контаминира и подземните води! Животните умираа во невидени маки, со стомачни грчеви, некоординирани движења, тремори… Апелираме јавноста будно да го следи случајот и неговиот епилог. Денес животно, утре човек, мора да се стави крај на овие кривични дела и загрозување на животи – порачаа жители од Индустриска.
Потсетуваат на случаи од минатото, од истиот дел на улицата, кога сопственици пријавиле труење на миленици, полициски службеници дошле на местото на настанот, направиле записник и ниту еднаш потоа не ги контактирале сопствениците на отруените животни, да ги информираат за истрагата.
-Скоро секое маало во Неготино си има свој трујач. Трујачот од Индустриска, трујачот од Градска порта, трујачот од Саат Кула, од околината на библиотеката и судот… Тоа се локации каде барем еднаш годишно се прави масовно труење на животни, раскажуваат неготинци.
-На ден 09.01.2023 година во 15.30 часот во Полициската станица во Неготино, П.К. (45) од Неготино пријавил дека во периодот 08.01.2023 до моментот на пријавување биле отруени неговото куче раса ,,германски овчар” и други кучиња во Неготино. Се работи на расчистување на случајот-информираа од СВР Велес.
Вики Клинчарова