Трудо: Вклучувањето на севернокорејските трупи во конфликтот во Украина може да ја ескалира војната

by Fokus

Канадскиот премиер Џастин Трудо оцени дека распоредувањето и вклучувањето на севернокорејските војници во конфликтот во Украина најверојатно ќе ја ескалира војната, соопштено е денеска од кабинетот на јужнокорејскиот претседател Јун Сук Јеол по телефонскиот разговор меѓу двајцата лидери.

Се цитира дека Трудо рекол дека војната значително ќе влијае на безбедносната средина во Европа и индо-пацифичкиот регион, пренесува Ројтерс.

„Премиерот на Канада предложи поблиска соработка меѓу двете земји во однос на развојот на оваа ситуација“, се вели во соопштението од кабинетот на Јеол.

Соединетите Американски Држави потврдија во вторникот дека некои севернокорејски војници се наоѓаат во регионот Курск, руската погранична област каде што украинските сили извршија инвазија во август и сè уште контролираат стотици квадратни километри од таа територија.

Јужнокорејските власти претходно посочија дека некои севернокорејски трупи можеби веќе се преместени на линијата на фронтот и изразија загриженост дека не се знае што Русија би можела да му даде на Пјонгјанг за возврат.

Јужнокорејскиот претседател Јун Сук Јеол потврди дека темпото на распоредување на севернокорејските војници во Русија е побрзо од очекуваното, оценувајќи дека тоа создава опасна ситуација, пренесува Танјуг.

Поврзани новости