Трошоците за сите застарени предмети ќе ги платат граѓаните, а обвинитетите може да бараат и отштета, анализираат експертите

by fokus

Трошоците за сите предмети кои завршуваат поради апсолутна застареност паѓаат на товар на државата, односно граѓаните. Обвинетите во предметите може да поднесуваат и тужби за штета, анлизира Тона Карева Талеска, правна советничка на Хелсиншкиот комитет за човекови права.

-Нормално, сите предмети кои завршуваат поради апсолутна застареност, сите трошоци во однос на постапката, ги сноси самата држава. Од тука, многу големи предмети, предмети кои што траеја многу долго, кои што имаат многу изведени докази, кои што имаат многу одржани рочишта, кои што имаат многу обвинети, кои што имаат многу адвокати, кои што имаат многу вештачења, итн., сите тие трошоци ќе паднат на товар на државата, односно на товар на сите граѓани. Сумата во однос на сите предмети во моментот не би можел никој да ја каже, затоа што тоа ќе се пресмета во пресудите што ќе бидат донесени формално правно, изјави Карева Талеска на Топ Тема на Телма.

Според неа, можноста на обвинетите во предметите да поднесуваат тужби за штета, останува како правен институт и во тој дел Карева Талеска предупредува за можни дополнителни финансиски импликации како држава.

-Секоја измена што се прави, особено во кривично-правната материја, која што засега општествени добра и која што засега јавност, а која допира до предмети од висока корупција, треба да се направи со сериозна анализа за импликациите кои што ќе ги имаат таквите измени врз буџетот на државата, нагласи Карева Талеска.

Таа вели дека, и покрај многуте изјави кои што се слушнаа од различни функционери дека овие застарувања нема да се случат, ова покажува дека се што тие укажале дека ќе се случи како последица на измените, се случува во пракса.

-Зошто велам дека допрва ќе ги гледаме правните последици? – Затоа што не се само овие четири-пет предмети што застареа, односно формално завршија, да кажам досега. Туку има има и други предмети кои ќе видиме дека во блиска иднина ќе настапи апсолутна застареност и истите ќе завршат. Тоа има навистина сериозни последици и по довербата во правосудството која што и така е многу ниска, и верувам дека со ова ќе се намали уште повеќе, бидејќи сите тие предмети се предмети на висока корупција кои го засегаат општественото добро. Од тука, навистина, се сериозни правните последици, вели Карева Талеска.

 

 

Поврзани новости