Трпчески одушеви и во Загреб на концертот со Кралскиот филхармониски оркестар од Лондон

by Fokus

Турнејата на Кралскиот филхармониски оркестар од Лондон со пијанистот Симон Трпчески и диригентот и уметнички директор на оркестарот Василиј Петренко вечер продолжува во Вроцлав, Полска, а на 12 октомври ќе заврши во Каунас, Литванија. Нашиот пијанист своите концертни настапи до крајот на месецов ги продолжува во Романија, Ирска и САД.

Трпчески кого хрватскиот печат го нарекува еден од најбараните пијанисти на денешницата, деновиве е солист на турнејата на Кралскиот филхармониски оркестар од Лондон, во чии рамки синоќа блесна и на големата сцена на „Ватрослав Лисински“ во Загреб.

Ова се деби концерти на Трпчески со овој реномиран светски оркестар што минатата година одбележа 75 години постоење. Од „… Лисински“ настанот го најавија како „концерт на годината“. Одушевената загрепска публика и Трпчески и оркестарот ја наградија со по две изведби на бис.

На турнејата што почна на 2 октомври во „Ројал Фестивал Хол“ во Лондон, а продолжи во петокот во Братислава, Словачка, Трпчески учествува во изведбата на концертот за пијано и оркестар во а-мол, опус 16 од Едвард Григ. Со Петренко нашиот пијанист има долгогодишна соработка, додека британскиот печат ги нарекува „тим од соништата“.

 

 

Поврзани новости