Трошоците на живот во март во однос на февруари годинава не се променети, а споредено со март минатата година бележат пораст од 1,6 проценти. Цените на мало, според објавените податоци на Државниот завод за статистика, во март во однос на февруари годинава бележат намалување за 0,1 процент, а во однос на март лани пораст за 2,9 проценти.
Пораст на индексите на трошоците на животот во март 2018 година, во споредба со претходниот месец, е забележан кај свежото и разладеното овошје за 7,1 процент, житата за 1,6 отсто, замрзнатото овошје за 1,2 отсто, компирот за 0,9 отсто, млекото за 0,8 отсто, сирењето и урдата за 0,5 отсто, другите пекарски производи за 0,3 отсто и трбушките за 0,2 отсто.
Во март годинава пораст на индексите на трошоците на животот е забележан и кај телефонската и телефакс-опремата за 3,3 проценти, предметите за лична хигиена и здравје за 1,2 отсто, услугите за лична хигиена за 1,1 отсто, средствата за чистење и одржување на станот, туристичките пакет-аранжмани за 0,9 отсто.