Не се знаело кој пие кој плаќа во Вила Водно за време на мандатот на Ѓорге Иванов. „Фокус“ дојде до трошоците на кабинетот на Иванов во последните четири месеци од неговиот мандат. Она што прво паѓа во очи е немањето никаква контрола и регулација што би разграничила што се приватни, а што државни трошоци.
Преку барања за слободен пристап до информации од јавен карактер „Фокус“ дознава дека само во бифето на Вила Водно за четири месеци биле потрошени безмалку 512.000 денари. Имено месечно се трошеле и до две илјади евра за сокови, кафиња и води.
Вториот податок што се издвојува е тоа што никој не контролирал кога и колку јаде обезбедувањето во Вилата. Од кабинетот на сегашниот претседател велат дека се случувало вработени во обезбедувањето да дојдат од дома во Вилата за да добијат топол оброк, иако тоа им следува само на оние кои остануваат прекувремено или кои дежураат трета смена.
-Не се водело сметка дали е некој дежурен, си доаѓале да си јадат и кога не се на смена – велат од кабинетот.
За првите четири месеци од годинава се потрошени 340.000 денари за оброци за обезбедувањето.
Јавноста веќе е запознаена дека претходниот претседател преку тендери набавуваше подароци наменети за своите гости. Според податоците кои ги добивме за првите четири месеци од годинава биле потрошени 200.000 денари за подароци, како вртоврски и марами. Во нив спаѓа и подарокот кој Иванов му го даде на папата Франциск, резба во износ од 38.000 денари.
Од кабинетот на Пендаровски велат дека ништо од овие поклони не е останато. Пендаровски наследил празен буџет за репрезентација.
Наспроти тоа во последните месеци од мандатот на Иванов околу еден милион денари биле потрошени за ресторани. 32.600 денари биле потрошени за ручек со добитници на повелба во ресторанот „Стара куќа“. За ручек приреден во чест на добитници на медал во „Фиш ресторан“ биле потрошени 45.360 денари. Иванов приредил ручек и за некаква Комисија за најмлад научник, при што во „Старо буре“ биле потрошени 43.540 денари.
Она што е спорно во податоците е тоа што немало регулација на трошоците. Средствата од буџетот на претседателот се трошеле без правилник и без интерен акт, поради што имало простор за злоупотреби.
Иванов и неговото семејство имале се што им треба во Вилата, па така платата на претседателот за овие две години останала нечепната. Од кабинетот велат дека дури и приватните средби на Иванов во Вилата, биле на трошок на државата.
Од таму додаваат дека тоа нема да биде случај со Пендаровски, кој трошоците за приватните средби ќе ги покрива од својот џеб.
Маја Васева