Ноќеска тројца осомничени завршија во Истражниот затвор во Шутка под сомнение дека се вмешани во грабнувањето и убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски. Мерката која им е изречена е притвор од 48-часа.
Се работи за осомничените Велибор Маневски, Влатко Кешишов и Боре Видевски. За таткото на Вања засега нема изречено мерка за обезбедување на присуство во текот на истрагата.
„Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, постапувајќи по предлог на Основнотo јавно обвинителство, за определување мерка краткотраен притвор, а поврзано со убиството на малолетната В.Ѓ. од Скопје и П.Ж. од Велес, против три лица кои рано утрово беа спроведени во судот, донесе решнија со кои го прифати предлогот и на трите лица им определи мерка притвор од 48 часа, а зарди постоење на основите од чл. 165 став 1 точка 1,2 и 3 односно опасност од бегство, влијание врз сведоци и страв дека ќе го повтори односно изврши ново кривично дело“ соопшти обвинителството.
Скопјанецот Љупчо Палевски Палчо неофицијално е поврзан со киднапирањето и убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска и тој е надвор од државата. Неофоцијално се наоѓа во Турција.
Од Обвинителството појаснуваат дека мерката краткотраен притвор, по предлог на надлежниот обвинител, може да се продолжи или замени со други мерки за обезбедување присуство.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и основниот јавен обвинител на Основното јавно обвинителство Скопје, Гаврил Бубевски утре во 09:30 часот ќе одржат прес-конференција на која ќе информираат за убиството на 14-годишнината Вања Ѓорчевска.