Грчката полиција го блокира просторот околу супермаркетот во Пиреја каде вчера вечер се случи престрелка во која едно лице загина, а друго е тешко рането.
,,Слушнавме два истрели. Видовме вработени како трчаат и викаат полиција. Клиентите трчаа во паника. Бевме преплашени, мислевме дека се работи за терористички напад”, изјавиле очевидци.
Истрагата покажала дека се работи за пресметка на тројца државјани на Турција.
Првите резултати покажуваат дека двајца мажи влегле во супермаркетот и се упатиле кон делот за овошје и зеленчук. По нив, трет маж влегол во продавницата, извадил пиштол и почнал да пука.
Еден од нападнатите се обидел и самиот да извади пиштол, но истрелот го погодил и починал на лице место. Другиот е тешко ранет и пренесен во болница.
Полицијата го приведе осомничениот за пукањето, а мотивот за злосторството засега не е познат.