Тројца пожарникари кои гаснеле пожар на кров од куќа се повредени од струен удар. Територијалната противпожарна единица од Струга, синоќа во 23:30 часот, добила пријава за пожар, по што биле испаратени шестмина пожарникари. Пожарот бил во куќа во близина на струшкото село Радожда, сопственост на А.С. од истото село.
„При интервенцијата со повреди од струен удар се здобиле тројца пожарникари кои го гаснеле пожарот. Тие се пренесени во Општата болница во Струга каде им биле констатирани телесни повреди по што биле пуштени на домашно лекување“, информираат од СВР Охрид.
Командирот на Територијалната противпожарна единица во Струга, Фети Мазари во изјава за МИА вели дека пожарникарите се во добра здравствена состојба и оти пожарот е целосно изгаснат.