Три смртни случаи од Ковид-19, во едно деноноќие во Делчево. Меѓу починатите од корона вирусот е и истакнатиот музички работник Слободан Цобе Илиоски, од кого денеска градот се простува.
Делчево денеска загуби голем културен работник, се вели во објавата на Националната установа Центар за култура ,,Никола Јонков – Вапцаров“ по тој повод.
– Слободан Илиоски – Цобе е професор по музичка уметност во СОУ „М.М.Брицо“, долгогодишен соработник на НУЦК „Никола Јонков Вапцаров“, прекрасен човек, колега, омилен меѓу учениците и граѓаните на Делчево. Во својот богат работен век, беше член на оркестарот и пеачката група „Распеани Делчевчани“, како и на групата „Делчевска тајфа“, а од 2009 година наваму работи како раководител на пеачката група „Ѓурѓа“ и оркестарот „Пијанечки еснафи“ како дел од работата на НУЦК „Н.Ј.Вапцаров“ од Делчево. Со овие ансамбли и групи има настапувано на многу концерти во нашата држава, но и надвор од неа, каде успешно ја презентира македонската песна.
Почивај во мир, драг и почитуван колега, вечна ти слава, се вели во прошталниот говор на колегите.
Во изминатото деноноќие, како што претходно соопштија здравствените надлежни, животот го загуби и 43 годишен судски работник од Делчево, како и 78 годишен жител на село Стамер.
До денес во Делчево има 76 активни случаи со Ковид-19 од кои дел се жители на општина Македонска Каменица.