Тројца од обвинетите за планирање на терористичките напади врз Соединетите Американски Држави (САД) на 11 септември 2001 година склучиле договор со обвинителството пред да им судено за злосторството, соопшти американското Министерство за обрана, пренесуваат западните медиуми.
Според информациите, станува збор за Калид Шеик Мохамед, Валид Мухамед Салих Мубарак Бин Аташ и Мустафа Ахмед Адам ал-Хавсави, кои како што наведува Би-би-си со години се притворени во базата на американската морнарица во заливот Гвантанамо на Куба, без да бидат изведени пред суд.
Детали од договорот засега не се објавени, но според објавите на американските медиуми тројцата мажи ќе се изјаснат за виновни во замена обвинителството да не бара смртна казна.
За потестување, речиси 3 000 луѓе во Њујорк, Вирџинија и Пенсилванија, беа убиени во нападите на 11 септември 2001 година, кои ја иницираа „војната против тероризмот“ на САД и инвазиите на Авганистан и Ирак.
Нападите кои беа извршени со киднапирани комерицијални авиони, чија цел беа кулите близнички во Њујорк и Пентагон, беа најсмртоносните на американско тло од јапонскиот напад на Перл Харбор на Хаваи во 1941 година, во кој беа убиени 2 400 луѓе.
Според „Њујорк тајмс“ договорот за признавање вина првпат бил објавен во писмо испртатено од обвинителството до семејствата на жртвите во нападите, а молбата би можела да се најде пред воениот суд уште следната недела.
„Специфичните услови од предистражните договори не се достапни за јавноста во овој момент“, се наведува во соопштението на американското Министерство за одбрана, пренесува Би-би-си.
Инаку, тројцата мажи се соочуваат со низа обвиненија, меѓу кои за напад на цивили, убиства со кршење на правилата за војување, киднапирање и тероризам.