По силно невреме, тројца загинаа, а неколку стотици луѓе се повредени во Египет од убод на скорпии во градот Асуан, западен Египет.
Како последица од силна бура, голем број скорпии се појавиле на улиците и во домовите на луѓето. Од египетското Министерство за здравство соопштија дека 450 луѓе се повредени од убод на скорпија.
Според пишувањето на Би-Би-Си, голем број скорпии и змии се појавиле на градските улици по обилните врнежи од дожд. Со оглед на ситуацијата, обезбедени се дополнителни дози на противотров во здравствените установи на места кои се наоѓаат во близина на планински и пустински предели, известија властите преку новинската агенција Al Ahram.
Лекарите ангажирани за вакцинација во епидемијата привремено се ангажирани за лекување на луѓето кои добиле убод од скорпија. На луѓето им е препорачано да останат во домовите и да избегнуваат површини со многу дрвја.
Египет е живеалиште на едни од најсмртоносните скорпии во светот. Отровот на црната скорпија може да усмрти човек за помалку од еден час. Симптоми на убод се отежнато дишење, грчење на мускулите и невообичаени движења на главата, пишува Би-Би-Си.